Ракометна лига на шампиони

Монпелје ги однесе бодовите од Скопје

Во дуел од шестото коло на групната фаза на ЛШ, Металург вечерва загуби од францускиот претставник Монпелје со 24:30 (10:14).

Францускиот вицепрвак му го нанесе на Металург четвртиот пораз во шестиот меч од групната фаза на Лигата на шампионите. По оние 10+ разлика во Монпелје (28:18), Металурзите ниту вечерва не успеаа да пружат поголем отпор против фаворитот.

Тимот од Автокоманда и вечерва играше без неколку клучни ракометари меѓу кои Милош Драгаш, Немања Младеновиќ и Марко Нелоски. Вечерва скопската публика имаше можност да го види најново засилување на Металург, Србинот Александар Гуглета кој игра на десното крило.

По брзите два гола на гостите, Жарко Пешевски во 5-та минута од мечот го постигна првиот гол за домаќинот. Наскоро Дарко Арсиќ му одбрани пенал на најдобриот гостински играч Вит Кавтичник, после што избраниците на Лино Червар направија фуриозна серија од 3:0 и поведоа 4:3 во 14. минута.

Јуре Доленец и Матје Гребиј се обидуваа да направат поголема резултатска предност за Монпелје, но Немања Обрадовиќ со голови на спротивната страна не им дозволуваше. Сепак, пред финишот на првиот дел францускиот состав имаше 2+ (8:10).

Следуваше серија грешки и пад во концентрацијата на момците на Червар што искусниот гостин го казни со четири гола последователно и на полувреме се отиде со 10:14 за Монпелје.

Вториот дел донесе нова позитива во играта на Металурзите кои носени на крилјата на Немања Обрадовиќ со два гола се вратија во игра. Но гостинот не би бил апсолутен фаворит ако не го докажеше тоа на теренот и брзо ја вратија ситуацијата во своја корист. Заиграа агресивна одбрана која што го исфрли Металург од ритам и во 40. минута од мечот Монпелје водеше со највисоки 13:20.

Последниот налет на Металург беше во финишот кога со головите на Стефан Дрогришки и репрезентативецот Филип Кузмановски се врати на 22:24. За пресврт сепак немаа сили и францускиот репрезентативец Гребиј со пет гола во серија му ја донесе победата на Монпелје, четврта победа во групата.

Најефикасен играч кај домаќините беше Обрадоиќ со 10 гола, Вања Илиќ постигна четири, а по три дадоа Жарко Пешевски и Филип Кузмановски. Играчот на мечот, Матје Гребиј постигна 10 гола. По шест одиграни кола, Металург е долу на табелата во групата Ц со само четири бода. Следен предизвик за Металург ќе биде норвешкиот Елверум, на 20. ноември.