Металург најавува голема сабота

„Жал ми е што не можеа сите да дојдат до влезница. Би сакал да постоеше начин сите да влезат па да гори салата“, изјави Лино Червар пред големата тешка четвртфинална битка против трикратниот европски шампион Кил.

По минатогодишната елиминација од Кјелце, македонскиот вицешампион втора година по ред се наоѓа во големата европска осумка, а овој пат историски пласман во фајнлфор ќе брка преку двобојот со германскиот гигант кој го пречекува во „Борис Трајковски“ пред полна сала.

„Ако пред почетокот на ЛШ кажев дека пак ќе играме во четвртфиналето, тоа ќе беше прифатено со потсмев, но од сегашна перспектива горди сме бидејќи не смее да се заборави дека игравме во најтешката група, од каде што сите четири тима што минаа во следната фаза сега се во четвртфиналето. Тие се апсолутни фаворити, а нивната сила е што имаат врвни надворешни играчи, ако ги запреме ќе завршиме голема работа“.

Хрватскиот стратег вели дека Кил не смее да си дозволи кикс, затоа што му виси титулата и во првенството, но неговиот тим ќе се обиде да му земе скалп на уште еден ракометен гигант.

По синоќешниот пораз од Некар Ловен очекувам Кил да бидат лути. Треба да играме агресивно, како што тоа беше случај и против Барселона, кога не им дозволивме на Карабатиќ и на Лазаров да дојдат во ситуација за шут. Мечот се игра во сабота пред Велигден, а тоа е е своевиден подарок за навивачите за поддршката што ни ја даваат во текот на целата сезона“, изјави Червар.

Голема борба најавува и Филип Миркуловски кој со помош од публиката се надева на повеќе среќа во ова четвртфинале.

„Се надевам оваа година ќе имаме повеќе среќа од лани, дека ќе оствариме барем една победа против Кил. Сите знаеме за каков тим станува збор, но ние мора да го дадеме максимумот на терен и заедно со публиката да создадеме една победничка атмосфера. Свесни сме дека и Кил ќе даде се од себе за да слави веќе на првиот меч во Скопје, но ние сме тука за да ги спречиме и да се радуваме на последниот натпревар на домашен терен во ЛШ за оваа сезона“ – рече Филип Миркуловски.

Противникот на Металург има импресивна историја од вкупно 35 трофеи на сите натпреварувања, меѓу кои 18 титули во германското првенство, девет трофеи во купот и три во Лигата на шампионите (2007, 2010, 2012). 

Натпреварот се игра во сабота во 18:30 часот, а реваншот е закажан за на 27 овој месец.

17 април 2014 - 14:08