Металург е “жив“, го збриша и норвешкиот првак

По триумфот против Кадетен Шафхаузен минатиот викенд, младите момци на македонскиот вицешампион приредија уште една одлична борбена партија во Лигата на шампионите, а овој пат настрадаа ракометарите на Елверум.

Јанко Божовиќ и Филип Талески ги постигнаа првите голови за Металург во воведните минути од средбата, но потоа избраниците на Лино Червар влегоа во голема криза во нападот и не успеаа да го погодат голот 10 минути.

Гостите од Норвешка имаа +2, но на Металурзите им тргна и со серија од 3:0 се вратија во водство. Во 16 минута Пешевски со својот втор гол на мечот ја врати предноста.

Потоа се играше гол за гол во фаза кога тимот од Автокоманда одржуваше тесно водство, но ракометарите на Елверум ја зацврстија одбраната и успеаа да го свртат резултатот во своја полза. На пауза резултатот беше 10:12.

Норвежаните на стартот од вторите 30 минути поведоа и со три голови предност, а потоа Металург се врати резултатски и го израмни резултатот. Два погодока во низа постигна Костески.

Во 40 минута Металург одново направи целосен пресврт и со шестиот гол на Божовиќ поведе со 14:13. Червар ја стегна одбраната, неговата специјалност во играта, а норвешкиот првак во првите 18 минути од вториот дел постигнаа само 3 голови.

Металург со голот на Маџовски влезе во одлична серија од 7:2 во вториот дел, но тука не застанаа и со погодоците на Матиќ и Пешевски стигнаа до водство од +4 за огромна радост на публиката во Борис Трајковски.

Следуваше мина криза, но грешки правеа и Норвежаните кои намалија на -2. Матиќ го врати тимот во игра и на 6 минути до крајот Металург поведе со 20:17, а Даниел Дупљачанец бранеше одлично во клучните моменти од средбата.

Червар побара тајм аут и концентрација за да се стави точка на мечот, а тоа го направи Бивуниќ со својот прв гол за 21:17 на две минути до крајот. Следуваше седмерец за гостите, но Дупљачанец ја направи својата 11-та интервенција за делириум во салата.

Шоуто во финишот продолжи со голот на Матиќ за +5, а норвешкиот првак само ја намали негативата за конечни 22:19.

Јанко Божовиќ со 6 погодоци беше најпрецизен кај Металуризите, а Лука Мраковчиќ постигна 4.

3 октомври 2015 - 19:08