Македонија се изнамачи со аутсајдерот Чиле

Македонската ракометна репрезентација првиот натпревар на Светското првенство во Шпанија го почна со триумф, но со издание далеку под очекувањата. Третото учество на Мундијалите нашите ракометари го отворија со победа против Чиле од 30:28.

Измалтретираната селекција на Македонија која долго ќе го памети патешествието до Шпанија, со многу маки и проблеми во играта, Светското ракометно првенство го почна со триумф. Аутсајдерот во нашата група Чиле, за кој не се ни посомневавме дека ќе ни пружи толкав отпор, на минута и пол до крајот успеа да дојде до негатива од еден гол и да донесе неизвесен финиш.

Сепак Наумче Мојсовски на 50 секунди до крајот постигна погодок и ги постави конечните 30:28. Натпреварот од една страна изгледаше како да играме против репрезентација од висок ранг која е дојдена во Шпанија за остварување на висок пласман. Реалниот впечаток пак за нашите ракометари е бледо издание со многу грешки во одбраната и додавања кои не смеат да се повторат доколку сакаме далеку да стигнеме во елитното ракометно друштво.

Мечот стартуваше со промашен пенал на Кире Лазаров кој впрочем беше најдобар поединец во нашиот состав со 8 постигнати гола од кои 5 од пенал. Фаворитската улога Македонија не ја демонстрираше и резултатот постојано беше израмнет. (4:4) по првите 10 минути, (8:8) по 20 минути игра и само два поени предност (12:10) на полувремето. Чилеанците најмногу изненадија со серијата од 5:0 кога впрочем имаа и предност од 3 гола разлика.

Работите не се променија драстично ниту во второто полувреме, но избраниците на Шундовски сфатија дека вечерва мора да се оди на победа. Нашиот селектор на моменти претеруваше со многубројните измени, а македонските ракометари ниту во еден момент не фатија силен ритам со што предвреме ќе го затвореа мечот. По првото полувреме во кое бранеше Борко Ристовски и оствари 5 одбрани, Шундовски во вторите 30 минути се одлучи за Никола Митревски кој оствари 4 одбрани.

Најслабо издание во нашиот состав имаше Наумче Мојсовски кој направи 7 грешки и само една асистенција, а мечот го заврши со 4 погодоци. Голем придонес за триумфот на македонската репрезентација имаше реализацијата на младиот Манасков кој сите 6 гола ги погоди во вториот дел, и заврши како втор стрелец во нашиот табор.

Најголемата предност Македонија во второто полувреме ја имаше со 4 поени предност, но Чиле не се даваше и на секој наш погодок одговараше со иста мера. Во немирниот крај на 50 секунди до крајот предводникот на Металруг, Мојсовски погоди за предност од два гола разлика, со што Македонија со не баш среќни лица го стартуваше Мундијалот во Севиља. Посериозен пристап и поголема борба, македонската јавност очекува веќе утре попладне против селекцијата на Катар со почеток во 18 часот.

12 јануари 2013 - 17:47