Комити не одат на ракомет, а ни треба нивна поддршка

Во сабота од 17:30 часот во дербито на Лигата на шампионите ќе играат лидерот во групата Б и лидерот во германската Бундеслига, Вардар и Рајн-Некар. Горбок четири години играше за германскиот состав и најдобро ги познава.

По триумфите против Монпеље, ПИК Сегед и Кристијанштад, ракометниот клуб Вардар гордо стои на чело на табелата во групата Б. Сепак најтешкиот противник во новата сезона следува викендов. Во Јане Сандански ќе гостува лидерот во Бундеслигата, Рајн-Некар, екипа која после првите три кола има 2 победи и 1 нерешена средба. Вардар лани лесно се справи со Германците.

„Ќе играме против најдобрата германска екипа која го докажа тоа вчера против Кил во домашното првенство (24-20). Рајн-Некар е навистина многу добро организиран тим, што значи дека ќе ни треба поддршка од навивачите и општо публиката во салата. Мора да заборавиме на ланската победа против нив, затоа што лани е лани.

Еден од најдобрите играчи на Вардар во новата сезона, Русинот Сергеј Горбок цели четири години беше дел од тимот на Рајн-Некар Леувен и одлично го познава системот, формацијата и начинот на игра на Германците.

„Ќе биде сигурно тежок натпревар и за нас и за Рајн-Некар. Добивме три натпревари, но сега играме против Рајн-Некар кој игра сигурен и стабилен ракомет. Одиме на победа, но за тоа ќе ни треба поддршка од публиката. Тие играат неверојатни противнапади и ќе ја казнуваат секоја наша грешка. Сепак и тие имаат слаби точки, а ние им ги знаеме“, додаде Сергеј Горбок, левиот бек на Вардар.

Што се однесува до составот, Раул Гонзалес изјави дека има мали проблеми со ситните повреди на Тимур, Стоилов и Марсениќ, но очекува сите тројца да стиснат заби и да го одиграат дербито во групата Б.

Мечот РК Вардар - Рајн-Некар Ловен се игра во сабота од 17:30 часот во СЦ Јане Сандански, а дали Комити и натаму ќе ги бојкотираат натпреварите поради несогласување со управата останува да видиме.