Кире Лазаров меѓу историските рекордери поврзани со бројки

Резултатот од мечот за трето место на првото Светско ракометно првенство повеќе личи на фудбалски меч, а оној од средбата меѓу Германија и Луксембург изгледа како да се играл шест на три.

3654 - Е бројот на голови кои ги има постигнато Шпанија на сите Светски првенства. Тоа е повеќе и од Шведска која има настапувано на четири големи натпреварувања повеќе од нив и држи рекорд од 147 меча.

3 – Голови беа постигнати во битката за бронзен медал помеѓу Шведска и Данска во 1938 година. Шведска го доби дуелот 2:1, а тоа е најнеефикасниот дуел во историјата на Мундијалите.

55 – Голови постигна селекцијата на Исланд против Австралија во меч од групна фаза, а тоа е рекорд на еден тим.

42 – Беше разликата во победата на Германија против Луксембург на Мундијалот во 1958 година. Со 46:4 Германците ја постигнаа највисоката победа на Светските првенства.

16 – Беше разликата во голови помеѓу победникот Шпанија и поразената Данска во финалето пред две години. Резултатот 35:19 е најубедливиот во финалињата.

74 – Е рекордот на постигнати голови во едно финале, а тоа се случи во 2005 година кога Шпанија ја победи Хрватска 40:34.

92 – Со 92-та гола на Мундијалот во Хрватска во 2009-та, Кире Лазаров го држи рекордот на најмногу постигнати голови на едно Светско првенство.

3 – Пати Кореанецот  Јун Кунг Шин беше најдобар стрелец на Светските првенства во 1993, 1995 и 1997 година.

22 јануари 2015 - 16:42