Келн останува неостварен сон

Ракометарите на Вардар дрско му се заканија на унгарскиот гигант и се обидоа да испишат историја, но играта и резултатот во првите 30 минути не беа доволни за сензација и пласман во фајнлфор. Македонскиот шампион имаше +4 на паузата, но на крајот ремизираше.

Тимот на Раул Гонзалес одигра извонредно прво полувреме и влезе во мечот со многу подобра и поорганизирана игра, за разлика од првата средба во Јане Сандански. И покрај поразот на домашен терен и драстично помалите шанси за пласман во Келн, настаните во првиот дел од реваншот ги зголемија апетитите.
 
Ако беа потребни +4 за анулирање на поразот од Скопје (26:29) и испишување на историја, Вардар ги обезбеди во првите 30 минути и тоа 6 пати. Првата посакувана предност се случи во 12 минута со голот на Шишкарев, но за кусо време Ласло Наѓ постигна два гола во низа и за кратко време намали на -2.
 
Се играше брз ракомет на двете страни во пеколната „Веспрем арена“, на моменти со грешки на двете страни. И покрај пеколната атмосфера и поддршката од 6.000 навивачи, Веспрем во првиот дел беше надигруван. Карачиќ, Тоскиќ и Циндриќ беа ракометарите кој ја одржуваа потребната предност на Вардар, а сигурен од 7 метри беше и Манасков кој имаше 2/2.
 
Во некои моменти не служеше и среќата. Веспрем набрзина промаши два зицери погодувајќи ја пречката, а кога Петар Ангелов застана зад стативите да брани пенал, Унгарците ја погодија стативата.
 
Во 27 минута Вардар беше на 4 голови предност, но на пауза резултат беше 12:14.
 
 
Играта во вториот дел посакувавме да се преслика и во вториот, но Вардар тргна лошо и веќе по три минути игра беше нерешено. Првото водство на Унгарците се случи во 49 минута кога на семафорот стоеше 19:18 со кое домаќините најавија дека се тешка тврдина за освојување. Во следната минута Наѓ зголеми за +2.
 
Вардар играше потешко во напад за разлика од првото полувреме и беше под притисок да брка резултат. Веспрем беше екипата која ја диктираше играта, а црвено-црните стигнуваа само до израмнување. 
 
Надежна за Вардар беше 56 минута кога Брумен погоди за 27:28 за прво водство во второто полувреме, но домаќините не дозволија изненадување во реванш четвртфиналната битка до која трета година во низа стигнува нашиот тим.
 
Миомир Илиќ со 9 и Ласло Наѓ со 7 гола беа творци на победата на Веспрем. Во таборот на Вардар најпрецизен беше Душебаев со 6 гола, а Циндриќ и Шишкарев постигнаа по 4. 
30 април 2016 - 19:22