Индира: Не сум задоволна од досегашните игри

Ракометарките на Вардар во недела го играат четвртиот натпревар од ЛШ против Подравка, а тренерот Индира Кастратовиќ и левото крило Маја Зебиќ се сложија дека тимот не игра на потребното ниво.

Вардарки тесно ја совладаа Подравка во претходното коло, но сигурни се дека хрватскиот тим не може да ја повтори играта од тој натпревар.

„Не сум задоволна од тоа како ги одигравме претходните натпревари. Очекувам победа на дуелот во недела, затоа што напорно работевме на тренинзите и формата ни оди во нагорна линија. Во моментов сите се здрави, немаме проблеми и ќе го изведам истиот состав кој почна и во Хрватска. Како одминува сезоната, верувам дека ќе влеземе во ритам и ќе го пружиме тоа што од нас се очекува “,изјави Индира Кастратовиќ.

Свое мислење за предстојниот натпревар даде и Маја Зебиќ, ракометарка која 7 години играше во Подравка, од 2004. до 2011.

„Во јавноста владее мислење дека Подравка е лесен противник, но тоа не е така. На дуелот во Копривница сè им одеше од рака, но мислам дека не може да го повторат истото и сега. Напорната работа на тренинзите треба да донесе резултат и сигурна сум дека во сите натпревари до крајот ќе покажеме што знаеме“, изјави Зебиќ.

На денешниот прес зборуваше и претседателот на клубот, Гордана Нацева, која изјави дека редовно ги следи тренинзите.

„Пред сè очекувам поголем одзив од публиката. На гости ни доаѓа стар познаник и ривал и тоа е доволна причина трибините да бидат исполнети. Ги следам тренинзите и по тоа што можам да го видам, формата на екипата навистина оди во добра насока“, констатираше Нацева.

Вардар и Подравка играат во недела од 19:00 часот, во салата „Јане Сандански“, а картите се по цена од 350 денари.