Горбок: Имаме нова сала, Комити и одличен тренер за победа

Македонскиот вицешампион в недела во „Јане Сандански“ ќе атакува на нова победа во третото коло од ракометната Лига на шампиони. Тимот на Рајн Некар е голем испит за Вардарци кои со евентуален триумф би направиле важен исчекор за врвот на табелата.

По дебаклот кој минатото коло му го нанесоа на Чеховски Медведи, ракометарите на Вардар ќе имаат многу потежок противник. Германскиот претставник Рајн Некар минатата година за само еден гол ја заврши четвртфиналната битка и затоа Раул Гонзалес изјави дека мора да се одигра без грешка.

„Не очекува многу тежок меч бидејќи играме против лидерот на Бундеслигата. Се работи за екипа која го има еден од најдобрите голмани, но имаат и опасен напад. На овој меч ќе мора сè да функционира беспрекорно, затоа што кога играте против екипи како Кил, Барселона и Рајн Некар може да играте добро и пак да не победите. На домашен терен мора да бидеме силни против секој“, изјави шпанскиот стратег

Минатата сезона дресот на Германците го носеше Русинот Сергеј Горбок кој изјави дека за да се победи Рајн Некар мора да се одигра подобро од првите две средби. 

„Им ги знам и послабите и посилните страни и за тоа разговаравме на тренинзите. Се работи за многу силен тим кој игра во квалитетна лига и игра како секој меч да им е последен. Но ние ги имаме Комитите, играме во нашата сала, имаме одличен тренер и функционираме како семејство. Ќе одиграме најдобро што можеше за да стигнеме до нова победа“, рече новото засилување на Вардар.

Натпреварот Вардар – Рајн Некар се игра в недела со почеток од 19:30, а ЕХФ го прогласи меч за на колото.

10 октомври 2014 - 14:08