Четвртфинална битка на “џинови“

Шест години откако го освоија бронзениот медал, Пољаците пристигнаа во Доха не само да обезбедат квалификации за Рио, туку и да се вратат на подиумот. Дуелот против Хрватите е реприза од полуфиналето на СП 2009, кое го добија домаќините под водство на Лино Червар.

Една година пред да биде домаќин на ЕП 2016, селекцијата на Полска на осминафиналниот дуел против Шведска, кој го доби со 24:20 го покажа својот потенцијал за ракомет.

Пласманот меѓу најдобрите 8 не е воопшто изненадување за земја која го игра 14-от Мундијал и која во „Куќата на Славните“ има легенди како Јержи Клемпел (бронза на ЛОИ 1976), Даниел Вашкевиќ (210 репрезентативни настапи) и Мариус Јурашик, актуелен репрезентативец и член на Кјелце кој игра како десно крило и кој освои сребро на СП 2007.

Полската ракометна репрезентација врвот на Олимписките игри го достигна во 1976 година кога ја освои бронзата, а колекцијата на медали од Светските првенства покрај со среброто од пред осум години им се состои и од две бронзи освоени во 1982 и 2009 година. Најдобриот пласман на Еврошампионатите го оствари во Австрија 2010, кога стигна до четврто место.

„Хрватска е Хрватска, голем тим и земја која произведува таленти. Им ја анализиравме играта детално и ќе се обидеме да ги погодиме во слабите точки. Не би избрал да играме против нив, но поради повреди и некои други околности, не успеавме да го освоиме првото место во групата. Повторно ќе се потпреме на нашите високи и силни играчи и на нивната способност за одбрана“, вели селекторот на Полска, Мајкл Биглер.

На голот Пољаците го имаат “вечниот“ Славомир Шмал кој им брани од 1998 година и кој со своите 36 години има 248 репрезентативни настапи. Тој беше клучен фактор за освојувањето на двата последни медали на Полска, а ИХФ во 2009 година го прогласи за играч на годината.

На минатите два Мундијали, селекцијата на Полска заврши на 8. и 9. место, а пречка им беше Унгарија. За да останат во игра за медал, овој пат ќе се соочат со ракометна велесила која има уште поголемо педигре и успеси.

Покрај поразот во полуфинале на Светското пред шест години, Полска загуби од Хрватска и на Европското првенство во Данска 2014-та. Голем дел од играчите кои се соочија во Хрватска сè уште се актуелни репрезентативци, а нивниот силен адут е висината.

Хрватска и Полска се селекции со највисоки ракометари во Катар. Просечната висина кај Пољаците е 1,96м, а кај Хрватите 1,95м. Третиот највисок играч на Мундијалот го има Полска, а тоа е пивотот Камил Сипшак кој е висок 2,10 метри.

Играј ја ја Типстер

28 јануари 2015 - 14:15