Скапо финале за шпанските навивачи

Дестинацијата Мадрид – Лисабон на 24 мај 2014-та беше задолжителна за навивачите од главниот град на Шпанија. Но тој пат со кола се тепаше за околу 6 часа. По две години ново градско дерби во финалето од ЛШ, но овој пат треба да се решат за авантура од 1.600 км или пола плата на фудбал.

На 23 дена до финалето од Лигата на шампионите, нормално дека главна тема за навивачите од Мадрид од денеска е како до Милано, на колку дена и за колку пари. Домаќините затоа не седат со скрстени раце и веќе ги качија цените во и онака скапата северна Италија.

Според пресметките на шпанскиот весник АС финалето за оние навивачи кои ќе одберат авионски превоз и хотелско сместување ќе биде изгор скапо. Според нивните пишувања картите за авион се повисоки за 17%, а собите во хотел се дури за 1.000% повеќе.

Да купиш денеска авионска карта Мадрид - Милано со две ноќевања во хотел на 27 и 28 мај минимална цена е 944 евра, а билетите за финалето се движат од 70 до 440 евра. Истото патување, само една недела подоцна е поевтино.

Тоа значи дека доколку навивач на Реал или Атлетико сака уште денеска да си го обезбеди присуството на Сан Сиро ќе треба да издвои 352 евра за авионска карта до Милано, потоа да плати 300 евра за две ноќевања во хотел со една ѕвезда кој се наоѓа на 8 километри од стадион и уште 292 евра за во недела да се врати дома.

Во овие 944 евра не е вклучен џепарац за кафе, пиво, пица и сл. Навивачите од Мадрид немаат многу време за да ја размислуваат оваа опција бидејќи во осумте авиони кои ден по мечот летаат за назад има место уште во два, а цените се од 292 до 361 евра.

Оваа скапа алтернатива за која пишува мадридскиот весник се разбира дека не е единствена. Постојат опции со воз, автобус или по четворица во кола. Тука им е на пример и Airbnb, сајт на кој доколку повеќе навивачи изнајмат поголем стан, ќе ги фати поевтино.

Како и да е во Милано на 28 мај се очекува од грлата на 40.000 навивачи да се урла за Мадрид. Едната половина за Реал, а другата за Атлетико. Ова е втора шанса за фановите ривалството од Шпанија да го почувствуваат на едно вакво големо финале кое нема цена.

5 мај 2016 - 17:28