Втор триумф на МЗТ во АБА лигата

Македонскиот шампион забележа нов триумф во регионалната кошаркарска лига. Во второто коло од АБА лига МЗТ Скопје го совлада босанскиот Широки со 63:59.

МЗТ Скопје продолжува со максимален учинок по првите две кола од Јадранската лига. По Цибона, на премиерниот натпревар пред скопската публика падна и Широки.

Првата четвртина им припадна на гостите со 11:18, но тогаш на сцена стапи центарот Кирил Николовски кој имаше одлично враќање по повредата. Тој ги постигна сите 11 поени за пресврт и водство на МЗТ од 22:20. На паузата помеѓу двете полувремиња МЗТ замина со предност од 37:31.

Гостите повторно имаа подобар старт и во второто полувреме и на крајот од третиот период се доближија на (-1) 48:47.

Во последната четвртина Широки успеа и да израмни на 53:53, а во последната минута се влезе со резултат 60:59. Сепак со поените на Николиќ и Мијајловиќ, МЗТ на крајот триумфираше со 63:59.

Најефикасни во редовите на МЗТ беа Николиќ со 16 и Мијајловиќ и Николовски со по 11 поени. Кај гостите се истакна Шутало со 16 поени.

Во недела МЗТ и гостува на екипата на Будуќност од Подгорица.

фото: МКД.мк

3 октомври 2012 - 22:38