Скриениот адут на Атланта е Перо Антиќ

Американскиот портал Бличер репорт направи листа со по еден играч во сенка кој може да биде клучен за својот тим во новата сезона во НБА лигата. Ветеранот Винс Картер е посочен кај Мемфис, а Хрватот и дебитант Бојан Богдановиќ во Бруклин Нетс.

Познатиот спортски портал во анализата издвојува 32 кошаркари односно по еден „икс фактор“ за секој тим, а во Атланта Хокс тоа е Перо Антиќ на кој доколку му тргне, тоа ќе значи проблем плус за тренерите на противничките тимови кои ќе треба да бараат дополнително чаре за да го сопрат.

„Ако Перо Антиќ шутираше подобро од линијата за тројка во првиот круг од плејоф мечевите, Атланта веројатно ќе ја елиминираше Индијана Пејсерс и ќе се пласираше во второто коло на Источната конференција. Наместо тоа големиот човек од Македонија, успешно го вадеше од рекетот Рој Хиберт, но оствари само 12% во обидите за три поени и 16,7% од поле. Тоа е малку во однос на неговиот учинок во регуларниот тек од сезоната кога шутираше со 32,7% за тројка и 41,8 за два поени.

Антиќ има 32 години и минатата сезона беше дебитант. Сега е поискусен и има поголема самодоверба, која му овозможува целосно да го смени пристапот во противничката одбрана.“, стои во текстот на Бличер репорт.

Јастребите ова лето одлучија да го задржат нашиот славен кошаркар кој ќе ја одигра својата втора сезона во најелитната лига и ќе заработи нови 1,25 милиони долари.

Дебитантската сезона на првиот Македонец во НБА лигата заврши со 50 одиграни натпревари и 352 постигнати поени, 209 скока и 58 асистенции. Во просек тој одигруваше по 18,5 минути и имаше учинок од по 7 поени, 4,2 скокови и 1,2 асистенции по натпревар.

Првиот меч Хокси сезонава го играат на гостински терен против Торонто на 29 октомври.

23 септември 2014 - 17:36