Работнички добива нова модерна сала

Најтрофејниот кошаркарски клуб во земјава конечно ќе добие модерна сала каква што им приличи на славните „црвено-бели“.

Првиот човек на Општина Центар, Андреј Жерновски на својот Фејсбук профил објави дека е распишан конкурс за идејно решеније за „Повеќенаменска спортска сала во Градски Парк“.

Ваквата вест сигурно ќе ги израдува навивачите на тимот од Градски Парк со оглед на тоа што веќе повеќе од една деценија кошаркарскиот храм има мизерни услови. Состојбата на салата е очајна, покривот од неколку места протекува, соблекувалните се прилично запоставени а трибините зад кошот неретко и несигурни кога се полни.

Од таа причина, Жерновски најави изградба на нова сала со капацитет од 3.000 гледачи. Салата ќе се наоѓа на парцелата веднаш до сегашниот дом на „црвено-белите“ а за таму претходно била планирана барокна катна гаража која сега се брише од планот.

Градоначалникот на Центар додава дека салата ќе биде изградена по најмодерни стандарди и ќе има амбуланта за прва помош, фитнес центар, помошна сала, клупски простории, кабинети за фискултура, простории за физиотерапија, прес центар, коментаторски кабини и соба за режија.

Предвидени се и три групи соблекувални со тушеви и санитарен дел. Гледачите ќе можат да уживаат и во фан-шоп, ресторани, кафетерија и игротека за најмладите. Новата сала предвидува и простор за ВИП гости, канцеларии за управата, архива.