Ол Стар 1997 на А1 со Љубомир Николовски на лице место

Ако не сте гледале Ол Стар и воопшто НБА во 90-те, ќе мора да го изгледате цело видеово бидејќи исто како да не се гледале воопшто кошарка. Да можевме ќе го гушневме Јутјуб. Дали игра Џордан? Да, игра и го оствари првиот трипл дабл во историјата на игрите.

Штом снимката е со коментар на Љубомир Николовски кој со тоа гласот е асоцијација на НБА, тогаш јасно е дека ви нудиме видео за ежење уште на самото претставување на играчите.

Се работи за 47-то издание на Ол Стар игрите во Кливленд на кое за МВП на вечерта е прогласен Глен Рајс од Шарлот кој за 25 минути постигна 26 поени и урна два рекорди: Најмногу поени во една четвртина (20) и најмногу поени во едно полувреме (24) со што успеа да му го сруши рекордот на Вил Чемберлен кој остана на 23 поени во едно полувреме.

Мајкл Џордан го заврши мечот со 14 поени, 11 скока и 11 асистенции и го оствари првиот трипл дабл во историјата на игрите. За такво нешто се чекаше до 2011-та кога му успеа на Леброн Џејмс, следната година на Двејн Вејд, а годинава на Кевин Дурант.

Почитуваниот Љубомир Николовски кој со оној негов препознатлив коментаторски жар и знаење ни ја доближи НБА лигата во тоа време, вака ги опиша титаните на светската кошарка кои имаше привилегија да ги гледа сите на едно место.

„Верувајте почитувани гледачи навистина фасцинантно делуваат овие кошаркари на теренот. Без оглед на тоа дали погодуваат или промашуваат, самото движење по теренот, самата харизма што ја носат со себе и на теренот и надвор од него го прави ова фасцинантно чувство кај сите овде и кај коментаторите и кај гледачите, верувам и кај вас покрај малите екрани“.

И сега пазете само на првите петорки:

Западната конференција: Гери Пејтон, Џон Стоктон, Шон Кемп, Хаким Олајџивон и Карл Мелоун

Источна конференција: Тим Хардавеј, Мајкл Џордан, Скоти Пипен, Дикембе Мутомбо и Грент Хил.

Поради повреда отпаднаа Чарлс Баркли, Алонзо Морнинг, Патрик Јуинг, Клајд Дрекслер и Шекил О`Нил, а нивните места ги пополнија Џо Думарс, Детлеф Шремпф, Крис Вебер, Крист Гелтин и 20 годишниот Кевин Гарнет.

Греота е ја јадеме повеќе бабури при едно вакво парче со такви имиња, но само уште ова.

Задолжително се гледа најавата на 6:32.

А на 4:25 имаш вакво парче: Од Вашингтон Булитс, Крис Вебер кандидатот на господинот Тупурковски за МВП :).

Видеото е од MakNBA

21 февруари 2017 - 15:46