МЗТ задоцни со завршницата

По осум одиграни кола во Јадранската лига, македонскиот шампион е без победа на гостински терен. МЗТ доцна се разбуди и не успеа да направи целосен камбек во финишот на гостувањето кај Задар.

МЗТ Скопје го забележа петтиот пораз и вкупно четврти на гостувањата оваа сезона во АБА лигата. Овој пат тие загубија со 72:70 на гостувањето кај Задар, на натпревар во кој домаќинот ја имаше контролата во текот на целиот натпревар, а нашиот шампион предоцна се разбуди.

На полувремето Задар имаше предност од 13 поени (44:31), а во последната четвртина влегоа со водство од +14.

Дури во тие моменти кошаркарите на МЗТ се активираа и со голема серија ја анулираа негативата.

На шест секунди до крајот Костоски не реализираше слободно фрлање за израмнување, а со звукот на сирената го промаши и шутот кој ќе донесеше продолжение.

Чековски, Стојановски, Костоски и Синовец постигнаа по 11 поени, а кај Задар најефикасни беа Рамљак со 15 и Шутало со 14 поени.

16 ноември 2013 - 20:21