МЗТ Скопје со пораз се враќа од Загреб

Хрватскиот претставник во Евролигата и вицешампион во АБА лигата, Цедевита ја оправда фаворитската улога и го совлада МЗТ Скопје со 81:70. Вечерашниот пораз беше 13-ти, а четврти на последните пет средби на Јадранот.

Без повредените Марко Симоновски, Дамјан Стојановски и Стефан Синовец, кошаркарите на македонскиот шампион не ја изненадија екипата која ќе игра на годинешниот Фајнал фор во Јадранската лига. МЗТ добро ја отвори средбата во салата Дом Спортова во Загреб и по првите седум минути имаше пристојни осум поени предност, 22:14. Во тие моменти шутот добро функционираше и Диксон и Шеховиќ ги држеа аердромци во водство.

Сепак, веќе од вториот период Хрватите проработеа на скокот и со лесни поени на Билан и Пилепиќ поведоа со десет поени предност, разлика со која се замина на полувремето 48:38. Пресудна за понатамошниот тек од средбата беше серијата од 14:0, после која Цедевита рутински го одбработи остатокот од мечот.

Единствено пред крајот од третиот период избраниците на тренерот Јончевски се приближија на -4 поени (49:53), но тоа беше се' до крајот, затоа што Цедевита во финишот ја зголеми предноста и славеше 81:70. Фран Пилепиќ со 18 поени беше најефикасен кај домашните, а Дион Диксон постигна 26 поени за 38 минути на паркетот. Сеад Шеховиќ и Александар Цветковиќ уфрлија по 12 погодоци.

Со учинок 6-13, МЗТ Скопје во моментов е трет од позади на табелата. Следниот викенд, на 31. јануари во сабота, во Скопје доаѓа белградски Партизан, екипа која утре игра против Игокеа.