МЗТ Скопје ја имаше Звезда во рака, но загуби тесно на крајот

По +20 на полувремето за Белграѓани, МЗТ Скопје одигра неверојатна трета четвртина и го превзема водството за делириум во Јане Сандански. Сепак, до
крајот пресуди искуството на евролигашот, кој ја однесе 13-та, рекордна победа во јадранската лига 76:79.

Гостите од Белград со водство од 9:1 уште од стартот покажаа дека се решени да го постават новиот рекорд од 13 победи по ред во АБА лигата, а во прилог на тоа одеше и стандардната петорка со која го почнаа натпреварот.

Црвена Звезда ја одржуваше двоцифрената предност во првите 10 минути, пред сè преку Маркус Вилијамс и младиот Тејиќ. Дебитантот во МЗТ, Предраг Самарџиски почна од стартот и во првите 5 минути имаше 3 поени и исто толку промашени слободни фрлања. На крајот од првата четвртина, 8+ за лидерот на табелата, 17:25.

МЗТ никако не успеа да фати приклучок ниту во вторите 10 минути, пред сè поради безидејноста во нападот, каде солираа Диксон и Цветковиќ. Од друга страна, со поените на расположените Мајк Цирбес и Лука Митровиќ, Звезда отиде на +20 поени предност, разлика со која и се замина на паузата 35:55.

Во второто полувреме, како нови играчи на МЗТ да го почнаа дуелот, кој од тој момент доби тотално друга димензија. Аеродромци направија неверојатна серија од 23:3 и се приближија на само три поени негатива. Како во транс играа домашните кошаркари, предводени од Сеад Шеховиќ, Александар Цветковиќ и Предраг Самарџиски, кои буквално го полнеа кошот на Ц. Звезда и стигнаа на минус еден поен 62:63.

Првото водство МЗТ Скопје го превзема на 7 минути пред крајот од мечот, кога поведе 64:63 со
положувањето на плејот Цветковиќ. Гостите од Белград во тие моменти беа целосно загубени на паркетот, а „штрковите" им држеа лекција од транзициска игра и го користеа секој напад.

По неизвесна игра кош за кош во последните 5 минути, пресуди искуството на евролигашот, кој како и лани, така и годинава имаше многу проблеми против македонскиот шампион кој му покажа дрскост на апсолутниот фаворит. Бобан Марјановиќ со својот 13. кош ја однесе Звезда на 74:70.

На крајот, конечни 76:79 за Црвена Звезда која ја оствари можеби и најтешката победа во сезоната, воедно и најважна за нив, поради тоа што станаа апсолутен рекордер со 13 победи по ред, без ниту еден пораз.

Александар Цветковиќ, со 19 поени и 5 асистенции беше најефикасен кај домашниот тим. Одлична вечер имаше и дебитантот Предраг Самарџиски, кој покрај 17 коша имаше и 10 скока и одлично го чуваше Бобан Марјановиќ, МВП на последното коло од Евролигата. Сеад Шеховиќ уфрли 14 коша, од кои најголем дел во последните 2 четвртини.

Во следното коло, МЗТ Скопје игра против Мега Лекс, повторно во Јане Сандански, во четврток. Тогаш за „металците“ ќе игра и новото засилување, повратникот Стефан Синовец.

22 декември 2014 - 22:47