МЗТ ја сруши и Цедевита

По Цибона и Унион Олимпија, екипата на МЗТ Скопје совлада уште еден голем фаворит со евролигашко реноме. Кошаркарскиот шампион на Македонија ја совлада Цедевита, екипата со најголем буџет во Јадранската лига.

На почетокот на оваа недела кошаркарите на МЗТ триумфираа кај Унион Олимпија, а денес повторно докажаа дека немаат респект за фаворити. Совладан е вицешампионот од минатата година и екипа која има најголем буџет и важи за еден од најголемите фаворити оваа сезона.

Кошаркарите на МЗТ одиграа дисциплинирано, со мал број на загубени топки и добра реализација и ги искористија грешките и лошата реализација на Цедевита (1 од 12 за 3 поени), со што ја забележаа четвртата победа во АБА лигата.

МЗТ стартуваше фуриозно со 10:0, но гостите до крајот на првиот период намалија на 17:16. Со одлична игра во втората четвртина МЗТ дојде до високо водство на полувремето од 40:26.

По шест минути во вториот дел МЗТ ги имаше и највисоките +15 предност (54:39), но гостите веднаш возвратија со серија од 11:1 и намалија на само -5 (55:50).

Сепак домаќините бргу се вратија во игра и го вратија двоцифреното водство и на крајот ја совладаа Цедевита со 74:61.

Најдобар на паркетот беше Гечевски со 20 поени, 7 скокови и 5 асистенции, Дамјан Стојановски реализираше 17 поени, 7 скокови и 3 украдени топки, а Чековски имаше учинок од 16 поени.

Најефикасен кај Цедевита беше Шупут со 17 поени, а Илиевски постигна само 2 поени.

Во следното коло МЗТ и гостува на екипата на Игокеа.

11 ноември 2012 - 22:26