Лацио продал двојно помалку карти од Чезена

Во пресрет на новата сезона во Серија А, слабо се полни и касата на Милан кој има продадено помалку годишни влезници од Сампдорија. „Росонерите“ пред 10 години привлекоа три пати повеќе публика од сега.

На десет дена до стартот на италијанското фудбалско првенство најголема поддршка доби шампионот Јувентус, кој и покрај турбуленциите и заминувањето на Антонио Конте, ја заврши продажбата за годишни карти и за сезоната 2014/2015 има загарантирано 27.000 верни навивачи.

Бранителот на титулата најлесно може да го стигне Рома, која имаше одлична сезона минатата година, а со оглед на засилувањата и пласманот во Лигата на шампионите, се очекува да привлече уште повеќе публика во домашното првенство.

Доста задоволни треба да бидат и раководните луѓе на Сампдорија и Џенова, која за сега има продадено ист број на влезници колку Милан.

Пред една година за „Сан Сиро“ со годишни карти се обезбедија нешто над 23.000 навивачи, но слабите резултати, лошиот пласман со кој Милан нема да игра во Европа и недостатокот на купување звучни имиња, Милан го плаќа со слаб интерес кај навивачите. Рекордот го држат во сезоната 2004/2005 кога во ерата на Анчелоти привлекоа 52.000 верни навивачи.

Катастрофално за сега му оди на Лацио кој на стадионот „Олимпико“ кој има капацитет од 80.000 седишта, има продадено само 5.000 годишни влезници. Тоа се должи на бојкотот кон претседателот Клаудио Лотито, кој и по 10 години престој не успеа да воспостави однос со навивачите.

Тие најмногу му замеруваат за водењето на лошата трансфер политика која речиси секоја година завршува со неисполнети ветувања околу засилувањето на тимот. Контроверзниот Лотито во Италија важи за терсене човек кој се кара со новинари и преку судски пат се разделува со играчи како што беше случајот со Горан Пандев,

На последните избори за претседател на Италијанската фудбалска федерација кои се одржаа овој месец, му даде целосна поддршка на новоизбраниот прв човек на ФИГС кој е обвинет за расизам

21 август 2014 - 16:55