НБА Ол Стар

Клеј Томпсон најдобар тројкаш, Лавин забивач

Кошаркарот на Минесота, Зак Лавин го победи најголемиот конкурент во натпреварот на забивања Арон Гордон од Орландо и втора година по ред ја освои титулата во ова шоу. Кај тројкашите, Томпсон го совлада клупскиот колега Стеф Кари.

Во првата финална серија Томпсон имаше 22-21 против МВП-то во НБА Кари, но во последната беше далеку поуспешен и со 27-23 стигна до наградата најдобар тројкаш во дуелот на Сплеш брадрс како што ги викаат двајцата кошаркари. Во финалето свое место имаше и 19-годишниот Девин Букер, но не успеа да им парира на ѕверките на Голден Стејт.

Претходно во првата рунда се пробаа и испаднаа Мидлтон, МекКолум, Лоури, Харден и Редик.

Во оној поатрактивен дел од Ол Старот, Зак Лавин стана четвртиот играч во историјата што два пати по ред ја брани титулата во натпреварот за најдобри забивања.

„Баравме во нашата торба од трикови нешто ново, но не најдовме ништо освен малку прашина“, се пошегува Лавин на крајот од забивањата.

На мечот за најдобри тројкаши победи Клеј Томпсон кој во последната рунда го совлада Стеф Кари:

„Сакаме да шутираме еден против друг. Никогаш не сум бил во тим со некој што шутирал подобро од мене, така што привилегија е да се работи со него (Стеф Кари) секој ден. Тој ме направи многу подобар. Ова е само забава, ние имавме пријателски прозивки за време на шутевите. Тој е најдобриот шутер што сум го видел некогаш, така што права реткост е да загуби. Среќен сум што го фатив во таква вечер", изјави Клеј Томпсон после натпреварот.

Главниот настан меѓу Истокот и Западот се игра во 02 часот после полноќ во Ер Центарот во Канада.

14 февруари 2016 - 08:30