Галатасарај и Црвена Звезда ја спуштаат топката

Навивачите на Галатасарај упорно повикуваат на нови убиства по социјалните мрежи, по што во седиштето на Евролигата во Барселона се состанаа Жорди Бартомеу, Мурат Озјер и Давор Ристовиќ, кои уште еднаш побараа насилството да не се меша во кошарката.

По трагедијата во Истанбул, кога непознат напаѓач го уби навивачот на Црвена Звезда, Марко Ивковиќ, двата клуба побараа од турската полиција што побрзо да го најде убиецот и најстрого да го казни.

Тензијата не се смири ниту по 21. ноември кога се случи убиството, а навивачите на Галатасарај по социјалните мрежи упорно повикуваат на нови насилства против руските, грчките и српските навивачи. Од таа причина, европската кошаркарска унија им наложи на сите клубови кои играат во Европа, во иднина да направат сè што можат во салата и надвор од неа за никогаш да не се повтори слична трагедија.

Во група со Галатасарај е и грчкиот Олимпијакос, чии што навивачи имаат блиски односи со навивачите на Црвена Звезда. Турскиот и грчкиот клуб на 18. декември ќе играат во Истанбул, а Грците уште од сега неофицијално најавуваат бројно гостување во главниот град на Турција. Следната сабота, во ватерполо Лигата на шампионите играат Партизан и Галатасарај во Белград, а српските власти сè уште не одлучиле дали ќе дозволат да се игра тој натпревар.

Во заедничко писмо,и Евролига и Галатасарај и Црвена Звезда упатија сочувство до семејството на Марко Ивковиќ, којшто вчера беше погребан во Белград, во присуство на неколку илјади луѓе. Евролига упати сочувство и до сите пријатели, роднини и познаници на настраданиот Марко. На погребот присуствуваше и Диего Гиљен, комесарот за натпреварување во Евролигата.

Претседателот на Евролигата порача дека сите натпревари во нивна организација неделава ќе започнат со 1-минутен молк во знак на сеќавање на Марко Ивковиќ „Јагода“.

25 ноември 2014 - 13:20