Франција без пола играчи на Светското во Шпанија

По отсуствата на Тони Паркер, Жоаким Ноа и Алексис Ажанса, на триколорите им откажа и Кевин Серафин, центарот на Вашингтон Визардс.

Селекторот на францускатга кошаркарска репрезентација, Венсан Коле ќе има тешка задача да го склопи мозаикот за Мундијалот кој почнува на 30 август во Шпанија.

Откако го освоија златото на ЕП во Словенија, Французите важеа за фаворити на претстојното првенство за најдобрите светски селекции.

Но шансите за тоа им се намалија откако Паркер и Жоаким Ноа одлучија да не играат на кошаркарскиот Мундијал за да се одмораат по напорната сезона во НБА лигата.

Селекторот Коле сега ќе има уште поголеми маки, затоа што нема да може да смета ниту на Кевин Серафин, еден од носителите на играта на Франција. Центарот на Вашингтон Визардс неодамна имал операција на коленото, по што одлучил дека е подобро да не ризикува нова повреда.

На тоа се надоврзаа и луѓето од неговиот матичен клуб кои не му дадоа дозвола на 24 годишниот Сарафан за настап на Светското првенство.

Франција своите натпревари ќе ги игра во Гранада, а се наоѓа во групата А со Шпанија, Бразил, Србија, Иран и Египет.

 

24 јули 2014 - 22:22