Адвокатот што го однесе Антиќ во НБА

Македонија конечно ќе има кошаркар во најсилната лига на светот. Перо Антиќ се сели во Атланта Хоукс. Освен квалитетите на самиот кошаркар, најголема заслуга за неговиот мега трансфер има и еден адвокат кој криминалците реши да ги замени со кошаркари и од тогаш владее со европските трансфери.

Перо Антиќ е на прагот на НБА. Во текот на утрешниот ден тој треба да потпише договор на 1+1 година со Атланта Хокс, а некои тамошни медиуми веќе и го сместија нашиот капитен во ростерот на овој тим.

Искусниот капитен на кошаркарската репрезентација си го заслужи местото во НБА со настапите и двете европски титули со Олимпијакос, но голем дел од заслугите му припаѓаат и на Миодраг Ражнатовиќ.

Тоа е човекот кој владее со кошаркарските трансфери во Европа. Ражнатовиќ и самиот бил кошаркар и успешно настапувал до 38-та година, но паралелно со неговата кариера на паркетот, тој го завршил и правниот факултет.

Додека играл во пониските лиги, Ражнатовиќ работел како адвокат, а помеѓу клиентите кои ги застапувал се истакнува името на мафијашот Кристијан Голубовиќ, како и сопругата на Шешељ.

Кошаркарите го познавале од паркетот, па за било каков случај тие почнале да се обраќаат кај него, па така додека тој се уште бил активен играч, посредувал и за првиот трансфер. Во тој момент заклучил дека работењето со кошаркари е многу подобро и поисплатливо од случаите за разводи, сообраќајки и криминал.

Мишко Ражнатовиќ ја формира агенцијата БеоБаскет и од тогаш посредувал за преку 800 трансфери на кошаркари, помеѓу кои и преминот на Костоски во МЗТ, вчерашниот потпис на Војдан Стојановски во Алба Берлин и денешната „трансфер-бомба" на Перо Антиќ во Атланта Хоукс.

24 јули 2013 - 15:11