Најголемиот махер на сезоната со Лестер

Од бајката Лестер сè уште не се исцрпени сите приказни околу тоа кој на колку се кладел и колку фатил. Ова што ќе го прочитате сега е џек пот кој повеќе личи на лото ливче отколку на уплатен тикет во кладилница, а среќникот не е Англичанец.

Елио Провенцано од Италија е дефинитивно најголемиот махер на сезоната поврзан со приказната за Лестер кој изгледа најмногу верувал дека во Премиер лигата оваа сезона ќе падне големо изненадување.

Во август 2015-та кога коефициентот беше 5.000 дека Лестер ќе ја освои титулата, тој не се обложи на едно евро, две или 50, туку стави 100 евра дека Лисиците во сезоната 2015/2016 ќе станат шампиони. 100 x 5.000 = 500.000 евра. Збогум сиромаштијо за човекот.

За британските кладилници се пишуваше дека поради титулата на Лестер загубиле меѓу 15 и 20 милиони фунти, но сензацијата во Премиер лигата испразни каса и во италијанска кладилница или поточно во Лече, град од јужна Италија.

„Јас сум голем навивач на Раниери и бев сигурен дека може да направи историски исчекор. Не беше воопшто лесно, но се оствари еден голем сон кој звучеше неверојатно од почетокот на првенството“, вели Елио.

Ова не е единствениот негов добитен тикет од сезонава. Тој фатил 16.000 евра кога на 13 јануари Лестер го победил на гости Тотенхем со 1:0, како и уште 490 евра фатени дека Лестер ќе победи без примен гол.

За време на овие месеци во кои сè повеќе се ближеше сензацијата, тој се фалел со насловите во весниците за неговиот идол Раниери и неговата способност што може им го земе скалпот и на екипи како Челси и Манчестер Сити.

Кога Азард во 83 минута ги постави конечните 2:2 во лондонското дерби, Елио скокал од радост како да е на стадион. Според пишувањата на италијанските медиуми тој веројатно ќе се сретне со својот идол, а Раниери ќе го запознае неговиот најбогат фан кој се збогатил благодарение на најголемиот подвиг во неговата 30 годишната тренерска кариера.

6 мај 2016 - 09:54