Звезда не знае што сака, Бабунски знае

Генералниот директор на Црвена звезда, Звездан Терзиќ отворено изјави дека не се сложува со тренерот Миодраг Божовиќ во врска со најталентираниот македонски фудбалер и дека му понудил на Давид да оди на позајмица па да се врати на Маракана.

Во долго писмо до јавноста, Давид Бабунски пред една недела на коректен и пристоен начин искажа незадоволство од малата минутажа во белградскиот клуб чиишто навивачи се гневни на управата што не направила ништо да го задржи некогашниот ученик на Ла Масиа.

Давид без да покаже со прст во никој, пристојно се прости од навивачите и најави потрага по нов клуб. Но во меѓувреме се огласи и директорот на Звезда, Терзиќ кој изјави дека долго време зборувал со Давид во однос на тренерот Миодраг Божовиќ.

„Тоа е работа каде што имавме различни мислења. Не велам дека сум во право, но мислам дека Давид Бабунски заслужува поголема шанса. Миодраг Божовиќ мисли поинаку. Не тврдам дека сум подобар познавач на фудбалот од него, има некаде каде што не верував, а тој веруваше и испадна во право. Да не грешам душа, имаше два меча на Давид после кои Божовиќ ми прокоментира дека ги одиграл лошо. Тоа беа две Куп средби - на Маракана против БСК Борча и во Челарево каде навистина беше слаб. Секој тренер има своја фудбалска филозофија и свое гледиште. Тој во него не го виде тоа“, вели Терзиќ за Македонецот.

Иако со јавно писмо практично се прости од Црвено-белите, Бабунски можеби ќе остане член на Звезда.

„Имав долг разговор со Бабунски и го убедував. Едноставно така се намести, Фергусон го пушти Погба... Му реков на Давид: ’Божовиќ не те гледа во тимот, не значи дека сум во право, но тој во овој момент не те гледа и прифати го тоа. Мислам дека е најдобра варијанта да отидеш некаде на позајмица и да останеш играч на Звезда. Тешко е во неговата глава да одлучи, беше тешко да дојде од Барселона во Звезда, а замисли сега од Звезда да оди на пример во Раднички Ниш. Тешко е после девет ипол години во Ла Масиа“, продолжува Терзиќ да делува конфузно.

Тешко е да се очекува македонскиот репрезентативец да остане во Белград.

„Давид денес со авион замина назад за Барселона. Му реков: ’Немој да ми кажеш ниту да, ниту не. Остана недоискажан, не си докажа ниту себе ниту на звездашката јавност. Само навести голем талент. Ќе поминат шест месеци, па врати се назад и докажи му на Божовиќ и себе и на навивачите дека си играч за Црвена звезда. Од друга страна не можам да кажам дека Божовиќ згреши. Давид покажа дека има идеја, има креативност, но не покажа дека има моќ, експолозивност, сила. Не можа да ’згази’, но мислам дека заслужи поголема шанса“, заклучува Терзиќ којшто со ова како да го најави заминувањето на Гроф Божовиќ на лето.

На почетокот на месецов Бабунски за Македонски спорт изјави: „Побарав раскин на договорот и 99% заминувам од Црвена звезда. Во моментов сум на одмор во Австралија и не следам што пишуваат медиумите. Знам дека ситуацијата во Звезда нема да се смени и кога е така мора да одам во друг клуб“.

Пред Давид, Маракана ја напушти уште еден Македонец, Даниел Аврамовски кој потпиша со Олимпија Љубљана каде игра и братот на Давид, Дорјан Бабунски.