ЕП 2016 Франција

Зошто ретко кој навива за Португалија

Португалија го игра можеби најдекадентниот фудбал на ова Европско. Одиграа два меча без голови, се потпираат само на Роналдо а среќата ги погледна на пенали против Полска и во продолженијата против Хрватска. Зошто ретко кој навива за нив?

Португалија - селекција која досега не победи ниту еден меч на ЕП во основното време.
 
Им се замерува што играа на нерешено против многу послаби репрезентации без класни напаѓачи. Португалија умее да нападне, но досега на турниров не победи никого. Од групната фаза (во која играа против Унгарија, Австрија и Исланд), тие се пласираа понатаму благодарение на новите правила според кои третиот има шанси да оди во следната рунда.
 
А таму Португалците ги погледна и среќа. Против Хрватска за 90 минути немаа ниту еден удар на гол за да во продолженијата слават 1:0 со голот на Кварежма; а во четвртфиналето предвидливо извлекоа 1:1 против Полска и потоа победија на пенали. Португалците вечерва би можеле да станат првата селекција во историјата која без да победи никој во основното време на цело Европско, се пласирала во финалето. Тоа едноставно не би било фер.
 
Португалија - селекција на еден играч. И тој е доволен.

За Кристијано Роналдо се зборува кога дава гол. И кога не дава гол. Кога ја промашува целта и кога ја погаѓа. Кога игра Португалија, режијата на мечот го дава често него во кадарот така што противнците ретко се во фокусот. На Европското во моментов има десетина други играчи кои имаат ист или подобар учинок од Роналдо. Да, тој ја влече екипата напред, има одличен пренос на топката и дава голови, но нема никаква поддршка од соиграчите. Фудбалот е тимска игра каде победува системот а не индивидуалецот. Кој може да се сети на некој Португалец а да не е Роналдо? Пепе, Нани и Санчез и тоа е се.

Дали знаете на пример на која позиција игра Жозе Фонте? Или Елисеу? Или Жоао Марио? Ако не знаете, тоа значи дека невнимателно сте го гледале Европското, затоа што овие играчи играа по 90 минути.

Португалија го нема духот на турнирски фудбал

Што се случи кога не можеа да го победат Исланд? Ги пофалија ли Исланѓаните за самопожртвување или се критикуваа себеси за недоволна мотивација? Не, тие почнаа да го навредуваат Исланд и неговиот стил на игра. Прво Кристијано Роналдо одби да смени дрес со Исланѓаните кои му пријдоа, а потоа ги обвини за ограниченост и изјави дека "Тие немаат никаква цел на Европсково".

„Коментарите на Роналдо покажуваат зошто Меси секогаш ќе биде еден чекор пред него" - изјави бекот на Исланд Кари Арнасон. Се чини дека Исланѓаните би ја победиле Португалија и на Европско првенство за тролање.

Португалија е неподносливо досадна

Типично однесување на Португалската репрезентација е вечна симулација и постојани протести кон судиите. Буквално здосадуваат со мафтање кон арбитрите и анти-фудбал.

„Секако дека повеќе сакам да сум грд, но да сум уште на Европското, отколку да сум убав а да си одам дома", изјави селекторот Фернандо Сантош на прашањето зошто се бранат цело време. Сантош е некогашен тренер на некои грчки клубови со кои магистрираше на тема „Убиствено досаден фудбал".

Мечот со Хрватска можеше да биде ефикасен, но заврши 0:0. Мечот против Австрија 0:0 исто збори сам за себе. Единствениот весел дуел го одиграа против Унгарија (3:3), но тоа беше исклучок. На крајот од краиштата оваа досада и не е толку лоша, една Италија игра мошне декадентен фудбал но е почитувана, затоа што играа со страст која што кај Португалија ја има само Пепе.

Како изведува слободни удари нивната најголема ѕвезда.