Зимска трка за првото место во Премиер лигата

Сезонава трката за првото место стана поинтересна отколку што се очекуваше. Челси ќе се обиде да ги одбие нападите на двата клуба од Манчестер, кои фатија приклучок со врвот.

До пред две кола, Челси веќе беше прогласуван за нов шампион на Англија, но ситуацијата се смени на 6. декември, кога сините загубија на гостувањето кај Њукасл, кој ја сруши непобедливата серија на Жозе Мурињо. Манчестер Сити го победи Евертон и дојде на само 3 бода заостаток, а во трката за врвот се вмеша и Манчестер Јунајтед кој по триумфот над Ливерпул сега заостанува 8 бодови.

Табелата во моментов: Челси 39 бодови, Манчестер Сити 36 бодови, Манчестер Јунајтед 31 бод.

Предстојниот викенд, граѓаните го дочекуваат Кристал Палас, Јунајтед гостува кај Астон Вила во Бирмингем а Челси ќе игра против Стоук, исто на гости.

Тренерот на Манчестер Сити, Чилеанецот Мануел Пелегрини има проблеми со повредените играчи, така што против Кристал Палас, покрај Серхио Агуеро веројатно ќе отсуствуваат уште и Един Џеко и Стеван Јоветиќ. Пелегрини најави дека би можел да го стави Џејмс Милнер како втор шпиц, а истурен во нападот да биде младиот Хозе Анхел Поцо (19). И покрај тоа, Сити е голем фаворит против Кристал Палас, кој сезонава на гости победи само еднаш.

Манчестер Јунајтед има одличен учинок на Вила Парк. „Црвените ѓаволи“ против Астон Вила на гости загубиле во 1995. година. Доколку Манчестер Сити ја оправда улогата и го победи Кристал Палас, ќе се израмни со Челси на табелата. Избраниците на Мурињо својот меч против Стоук го играат во понеделник.

На 26. декември ќе се игра Боксинг деј, празничното коло ден после Божиќ. Тогаш Челси ќе го пречека Вест Хем, Јунајтед Њукасл, а Сити ќе му гостува на Вест Бром.

Токму Вест Хем му зема бод на Челси на Стемфорд бриџ во јануари годинава, кога Мурињо изјави дека Вест Хем играл фудбал од 19. век, а Сем Алајдарс му врати дека тактички потполно го поразил и дека мора да признае дека Вест Хем играл подобро.

Њукасл ќе патува на Олд Трафорд со цел да ја повтори историската победа од минатиот декември, прва во Манчестер од 1972. година. Сепак, овој пат Манчестер го нема Дејвид Мојес, а Њукасл не игра во добра форма што покажа настапот против Арсенал минатиот викенд.

На истиот ден, Сити ќе треба без повредениот капитен Винсент Компани да ги скроти Саидо Берахино и Стефан Сесењон кои играат во одлична форма сезонава.

Само 2 дена подоцна се игра ново коло кај неуморните Англичани, а од водечката тројка Манчестер Јунајтед ќе има најтешка задача против Тотенхем на гости. Сити го пречекува Барнли, а Челси и Мурињо ќе му гостуваат на Саутемптон.

На последните 2 натпревари на Вајт Харт Лејн, Тотенхем и Јунајтед играа нерешено. Манчестер Јунајтед во моментов има серија од 8 победи по ред и ќе сака да ја продолжи и во северен Лондон. Од друга страна, Спарс конечно заиграа по меракот на Маурицио Покетино и со Хари Кејн во форма ќе се обидат да го совладаат фаворитот.

За 28. декември е предвидено и враќање на Стеван Јоветиќ после повредата, што значи дека би можел да заигра против Барнли, екипа која има само една победа на гости во Премиер лигата сезонава. Челси минатата година ја заврши во голем стил, откако го прегази Саутемптон со 3:0, пораз за кој „светците“ ќе сакаат да вратат во последното коло од оваа година. Мурињо тогаш го пофали судијата дека на неговите играчи им дал само еден жолт картон, како ниеден судија претходно.