Животната форма на 35-годишниот Диего Лопез

Во новата сезона Еспањол влезе со големи очекувања. Сопственик стана амбициозен Кинез, во екипата дојдоа познати играчи а главен тренер беше поставен Кике Санчез Флорес. Творец на триумфалниот марш на „папагалите“ од Барселона е ветеранот Диего Лопез.

Минатата сезона беше разочарувачка за Лопез. Шпанецот го загуби местото во Милан и на теренот се појави само девет пати. Како последица на тоа заминување на позајмица во последниот ден од летниот трансфер беше логично решение и за двете страни.

Единствено сеќавање од Италија ќе му остане номинацијата за премијата „Златна канта“ на италијанскиот фудбал (Bidone d’oro) која што ја добива секој легионер во Серија А за учинокот во календарската година.

На 31-ви август Диего Лопез се договори со Еспањол за позајмица.

„Многу сум среќен што сум овде. Се чуствувам подобро од пред една година, затоа што добро работев и ја одржував формата. Дојдов со исти амбиции и желби како кога имав 20 години“, изјави голманот после потписот.

Минатата сезона Еспањол заврши како екипа со најмногу примени голови во Примера (74 примени на 38 меча) и најлоша гол разлика (-34). После тоа, засилување на позицијата голман им беше приоритет на „папагалите“.

Превратот се случи во моментот кога во Еспањол дојде кинескиот милијардер Чен Јаншен. Бизнисменот значително го зголеми буџетот на клубот на 150 милиони евра, обезбеди средства за засилување на составот и го назначи Кике Санчез Флорес за главен тренер.

Шпанскиот стручњак беше тренер на Вотфорд во Англија, но ја загуби работата кога екипата почна да бележи слаби резултати. Во Шпанија Кике дојде во клуб кој добро го познава.

„Убеден сум дека Еспањол го чека одлична сезона. Тимот има ентузијазам и желба да се бори за повисоките места. Ова е тивок клуб, а мене ми годи таквиот интензитет на тренинзи“, изјави Диего Лопез кој и помогна на екипата да освои важни три бода на гости кај Осасуна со дури 11 чисти одбрани.

Екипата на Кике Флорес имаше неверојатна серија од цели десет меча без пораз, а Диего Лопез на седум дуели не прими гол што е најдобриот резултат во Примера заедно со голманот на Виљареал, Серхио Асенсио. Шпанецот постави нов клупски рекорд на сочувана мрежа во Примера - 585 минути без примен гол и стана еден од лидерите на Еспањол.

Како награда стигна громогласното скандирање на неговото име на стадионот „Корнеља Ел Прат“. Навивачите одлично знаат дека успешните резултати на екипата се како последица на врвниот галициски голман.

Спортскиот директор на „папагалите“ Анхел Гомез исто така го фали голманот-ветеран:

„Чест е во составот да се има таков професионалец како Лопез. Тој има големо искуство и е пример за останатите играчи. Тој е ѕвер“, вели Анхел Гомез за голманот.

Диего нема време да се опушти затоа што конкурент му е искусниот Роберто, поранешен голман на Олимпијакос. „Да се биде голман не е лесна работа, тешко е да се помириш со улогата замена. Роберто работи неуморно на тренинзите и ја чека својата прилика, а јас се трудам да не му дадам шанса. Не дојдов на прошетка или одмор, дојдов да го оправдам своето место и да бидам број еден“, вели некогашниот голман на Реал Мадрид и Милан.

Во договорот за позајмицата со Милан нема ставка за можен откуп на договорот, но во следниот преоден рок Еспањол има намера да го откупи голманот.

„Потпишав позајмица на една сезона, но се надевам дека ќе останам подолг период. Староста не би требало да влијае на перформансите. Моја единствена цел е да напредувам во корист на клубот“, заклучува 35-годишниот голман Диего Лопез.