Заминувањето на фудбалскиот господин

Алонсо на островот имаше споено во себе сè што може да биде вредно за еден играч од негова позиција. Имаше повеќе софистицираност во примената на агресијата на Рој Кин, а за разлика од Стивен Џерард или Франк Лампард можеше ако сака и да го издрибла противникот. Чаби можеше многу повеќе од тоа.

Чаби Алонсо беше еден од оние играчи кои изгледаат, трчаат и играат поразлично од другите. Елегантен чекор, долги додавања и преглед на игра за која носталгичните балкански коментатори велат „дели топки со очи“. Секогаш имаше стил и класа, и тоа не само на терен.

Во последната етапа од неговата голема кариера, во Баерн Минхен дојде случајно, како спас во последен момент, но на крајот не излезе така. Кога летото 2014-та во Баерн Минхен имаше милион повредени играчи, Пеп Гвардиола се сети на стариот познаник и до тогаш ривал од сто и една војна. Се појави стариот господин со широка насмевка и интелектуален став, резантен удар и тренерско око.

Во Баерн го привлече и желбата да учи од Гвардиола и да ја комплетира низата на тренерски авторитети со кој работел како што се Рафа Бенитез, Жозе Мурињо и Карло Анчелоти. Во митските шпански граѓански војни меѓу Мурињо и Гвардиола кои се случуваа на бојното поле од 2010-та до 2012-та, еден од големите воени лидери и генерални на терен беше токму Алонсо.

Неговата епизода во Реал за мене почна и заврши неверојатно. Дојде во време кога Флорентино Перез го собираше тимот на вторите Галактоси и се прашував каква ѕвезда има таму во некој носител на игра од Ливерпул, за да го стави во исти тим со Роналдо, Кака и Бензема кои дојдоа во тој преоден рок.

Треба да бидам искрен и да признам дека големиот Чаби, до неговото заминување во Мадрид го ценев колку Дитмар Хаман и Игор Бишчан, кои немале никогаш статус на ѕвезди. Алонсо во Мадрид ја преживеа онаа летаргична сезона на Мануел Пелегрини и дочека да биде во најсилниот тим кој го селектираше Мурињо.

Историјата се пишуваше со Јуда на голот, познат како Икер Касиљас, суптилниот удар и поливалентниот бек Алваро Арбелоа, лудо талентираниот Пепе, новоформираниот стопер Серхио Рамос, старата коска Рикардо Карваљо и последниот зад редот на Чаби – Марсело.

Најблискиот соработник на Чаби се викаше Сами Кедира, пред нив некои нови стандарди дефинираше Месут Озил, десно беше Анхел Ди Марија, а лево првата ѕвезда на тимот и на светскиот фудбал – по бројот на фанови на социјалните мрежи – Кристијано Роналдо. Во нападот ротираа Карим Бензема и Гонзало Игуаин.

Историската важност на овој тим е многу поголема од тоа што фудбалските хроничари ја валоризираат, затоа детално ги наведувам сите имиња, за да напоменам дека клучen играч во тој тим беше токму Алонсо. Реал Мадрид со Мурињо “го избрка“ Пеп Гвардиола и после тоа ништо повеќе не беше исто во светот на фудбалот.

Важноста на Алонсо во Реал стана јасна кога прецизниот ум и калкулантското око на Карло Анчелоти почна да размислува како да се освои „Ла Десима“. Карло го помножи Озул со нула, Ди Марија го стави лево полувисоко, а со Алонсо го издигна Лука Модриќ. Титулата дојде во продолжение, не толку елегантно како што беше играта на Чаби, но потполнo заслужено.

Тој побара заминување од Реал кога самиот сфати дека станува вишок покрај Крос и Модриќ и дека повеќе не е човек со главна улога.

Алонсо на островот имаше споено во себе сè што може да биде вредно за еден играч од негова позиција. Имаше повеќе софистицираност во примената на агресијата на Рој Кин, а за разлика од Стивен Џерард или Франк Лампард можеше ако сака и да го издрибла противникот. Чаби можеше многу повеќе од тоа.

За репрезентацијата на Шпанија играше 114 пати, малку во сенка на целиот оној континген на играчи од Барселона. Тој беше дополнителна работна сила и челична арматура меѓу Бускетс и Пике. Ако го прескокнеше СП Бразил и оној потоп на Висенте дел Боске, ќе кажевме дека знаеше да се повлече на време, а вака ќе речеме дека имаше чувство и спрема репрезентацијата како голема татковина. За изворната Баскија играше пет пати.

Од клупскиот фудбал се повлекува додека може уште да игра на високо ниво, а очигледно тешко му паѓа на желудникот да трча по кинески или американски стадиони кои служат за земање пари на ѕвезведно име и презиме. Чаби сака да замине со стил, а Кинезите уште не почнале да продаваат таква роба.

До конечниот “адиос амигос“ останува една цела полусезона, а со неа и шанса да стане втор играч кој има освоено Лига на шампиони со три различни клубови.

Чаби секогаш имал стил.

Rijad Durkić

20 јануари 2017 - 12:06