Заборавете на Барса и Реал, најголема драма за прво место ќе има во Франција

Челси е шампион во Англија, Монако во Франција, Баерн во Германија, Јуве на чекор во Италија. Затоа да се префрлиме онаму каде што во последното коло ќе се кубат најмногу коси, а тоа е француската втора лига. Да сака не може да го режира ова сценарио никој.

Стразбур, Амиенс, Троја, Ленс, Брест и Нимес. Вечерва со почетокот од 20:30 следете ги резултатите на овие екипи кои замислете сите се со шанси за освојување на лидерската позиција во Лига 2.

Во последното коло шест екипи се во комбинација за првото место кое не е страшно и да не го освојат, бидејќи директен пласман во прва лига носи и втората позиција, додека тој што ќе биде трет ќе игра во плејофот.

Тоа значи дека половина од овие екипи со сигурност остануваат второлигаши. Прв е Стразбур со 64 бода, Амиенс и Троја имаат по 63, Ленс и Брест по 62 и Нимес 61. Тоа е таа драмолетка која ја нема во ниту едно друго првенство во Европа.

На македонската публика веројатно најпознато им звучи името на клубот Ленс кој се има сретнато со Цементарница 55 во квалификациски двомеч за Купот на УЕФА. Ѕвезда им е Џон Босток, поранешен напаѓач од Кристал Палас и Тотенхем. Од поранешните нивни играчи добро познати се Диара и Варан.

Она што малку ја намалува неизвесноста во битката за лидерската позиција се местата на противниците на шесте екипи кои вечерва ќе водат мртва трка, бидејќи на ниту еден од нив не им зависи ништо ако ги загубат бодовите.

Опциите се следни:

- На Стразбур му треба само победа за да го задржи првото место

- Амиенс мора да победи и за да биде лидер треба да се надева на пораз или реми на Стразбур.

- Амиенс може да ја освои првата позиција и ако одигра нерешено, а Стразбур загуби, но во тој случај не победи ниту една од останатите четири екипи.

- Опцијата за Троја да биде прва е да победи, а Стразбур и Амиенс да не победат.

- Ленс може да заврши прв ако победи, а сите други три екипи над нив не освојат повеќе од еден бод.

- Шансите за Брест и Нимес за прво место се ако тие победат, а првопласираните четири екипи загубат.

Ова се нивните противници:

Брест – Ајачио

Лавал – Нимес

Ленс - Ниорт

Реимс – Амиенс

Сошо – Троја

Стразбур – Бург ен Брес