Во откритие на Андре Силва - наследникот на Паулета

21-годишниот Португалец е најозборуваниот фудбалер деновиве, а не случајно новите газди на Милан прифатија за него да избројат 38 милиони евра плус бонуси.

Роден е во малиот град Багуим до Монте старо градче на северот од Португалија и од 8 години почнал да игра фудбал во локалниот клуб Салгеирос. Кога наполнил 12 години дошол во системот на Боависта но таму сметале дека не е доволно добар меѓу стотината деца кои биле на проба.

Така Андре Силва разочаран се вратил дома и уште не почнат - сакал да заврши со фудбалот.

Но во матичниот клуб Салгеирос го уверувале да продолжи да игра, па по неколку сјајни сезони, во 2011-та Порто го донел од полу-аматерскиот тим Салгуеирос за околу 1.000 евра. „Змејовите“ од „Драгао“ набрзо сакале да го пратат во Спортинг но сè се сменило на младинското Европско првенство 2014-та каде Андре Силва стигна до финалето и постигна 5 гола на турнирот.

Раководството на Порто тогаш решило да го задржи со нов договор на 5-години.

Најголема доверба му пружил актуелниот селектор на Шпанија, Џулиен Лопетеги кој му дал шанса да дебитира пред две години за првиот тим.

Како мал го викале Деко, поради одличната контрола на топката како неговиот постар идол. Кога еднаш го преместиле во шпицот, сфатиле дека е роден за стрелец.

Од „Деко“ во средниот ред до деветка во нападот. Од Порто, денес во Милан. Кариерата на Андре Силва доживеала неколку промени, а центарфорот на Португалија преку ноќ стана нов играч на реновираниот Милан.

Силва се уште нема 22 години но бројките на теренот зборуваат за каков играч се работи (21 гол на 44 меча во првата сезона како првотимец). Од таа причина Кристијано Роналдо му го препорачувал на Флорентино Перез во Реал. Но Силва никогаш не бил близу Мадрид. Стигна во Милан (на инсистирање на неговиот менаџер Хорхе Мендез), екипа за која ќе заигра по завршувањето на Купот на Конфедерации со Португалија летово.

Силва има атипичен напаѓачки идентитет. Тогаш никој не сонувал дека Силва ќе стане новиот напаѓач на Порто и репрезентацијата. Го споредуваат со Паулета поради тоа што игра како „сидраш“, класичен напаѓач и последен таков после Паулета. Сезонава за Порто одигра 32 меча во лигата и даде 16 гола со 5 асистенции (5 гола од пенал).

„Чиста 9-ка. Има голем талент и енормен квалитет. Што е најважно, вредно работи и го поти дресот. Гладен е за голови“, вели за него Паулета.

До 16 години во кадетите на Порто играл во средниот ред како централен играч за врска пред да биде трансформиран во “машина за голови“.

Најдобрите партии почнал да ги пружа во младинските категории на репрезентацијата 28 гола на 37 меча во У19, У20 и У21. За сениорите игра уште поефикасно: 7 гола на 8 средби, од кои еден минатата недела против Летонија и историски хет-трик против Фарски Остови со кој стана најмладиот Португалец кој дал три гола на еден меч.

А кога ќе се сети дека повеќе сакал да игра хокеј отколку фудбал, може да биде благодарен што го убедувале да продолжи на трева а не на мраз.