Вардар заработи 550.000 евра за две нерешени

И покрај неуспехот во 2. коло каде испадна од АПОЕЛ, македонскиот шампион ќе инкасира 550.000 евра колку што дава УЕФА за оваа рунда квалификации за Лига на шампиони.

Со симболичната цена на влезниците од 100 денари, Вардар речиси го наполни стадионот, а ќе ја наполни и клупската каса. УЕФА пред стартот на новата сезона најави драстично зголемување на премиите за клупскиот фудбал, што убаво ќе го освежи македонскиот првак.

За секој клуб којшто на национално ниво обезбедил право да игра во квалификациите за ЛШ, УЕФА одвојува 250.000 евра. За учество во 2. квалификациско коло, премијата е 300.000 евра, што значи дека Вардар покрај новото искуство на меѓународна сцена, се офајди и со 550.000 евра.

Во случај да го минеше АПОЕЛ, скопскиот состав ќе имаше загарантирано уште минимум 4 европски натпревари, затоа што патникот во следната фаза има обезбеден плејоф за ЛЕ во случај да испадне од 3. коло за ЛШ.

Учесникот во 3. коло добива дополнителна премија од 400.000 евра, а тимот кој ќе испадне од 3. коло добива 230.000 евра или т.н. solidarity payment. Што се однесува до главните премии, учество во групната фаза носи неверојатни 12 милиони евра (лани беше 8,6). Победа и три бода на екипата ѝ носат 1,5 милиони евра, а за реми се добива 500.000 евра.

Секој состав кој ќе се пласира во 1/8 финалето ќе добие фантастични 5,5 милиони евра, 1/4 финалето носи 6 милиони евра, а 1/2 финалето 7 милиони. Покрај овие суми, освојувачот на ЛШ сезонава ќе заработи дополнителни 15 милиони евра, а вицешампионот ќе има утеха од 10,5 милиони евра.

Победникот на Суперкупот на Европа ќе добие 4 милиони, а поразениот 3 милиони евра.

22 јули 2015 - 16:21