Вака почна сè

Со силен ветер и дожд од голови почна натпреварувањето кое со нетрпение чекаме да почне овој месец. До 1992 година познато како Куп на Европски шампиони, а потоа Лига на шампиони. Актери беа Спортинг Лисабон и Партизан.

Датумот на овој голем и важен ден за историјата на фудбалот беше всушност вчера. Значи запаметете го: 4 септември 1955 година се удрија темелите на лигата која веќе 61 година ги собира најдобрите екипи од Европа, а нас не укотвува пред тв во фамозниот термин 20:45.

Едно саботно немирно попладне во Оеирас, предградие на Лисабон, на стадионот Национал во 17:00 часот истрчаа фудбалерите на Спортинг и Партизан со што го означија стартот на најелитното клупско европско натпреварување.

И домаќините и гостите о Белград имаа тешка задача бидејќи натпреварот се одигра во тешки услови проследени со силен ветер. И покрај тоа што Спортинг влезе како третопласиран од претходната сезона во првенството, сепак во тој период беше доминантен со 7 титули во 8 години меѓу 1947-ма и 1954-та.

Тоа се должи најмногу на нивната легендарна петорка во напад позната како „Петте виолини“. Од друга страна го имаат Партизан кој е одлично позициониран во југословенската лига со неколку играчи кој го освоија Сребрениот медал на Олимписките игри во 1952-ра. Публиката имаше чест да гледа фудбалери од калибарот на Бранко Зебец, Бруно Белин, Стјепан Бобек и Милош Милутиновиќ. Отсутен бил Златко Чајковски поради испити на факултет.

Токму на стартот легендарниот Бобек имаше ситуација еден на еден со голманот Карлос Гомес која ја испушта да стане прв стрелец во историјата на ЛШ, која не ја испушти Жоао Мартинс, најистакнатиот стрелец во тимот на Алехандро Скопели во 14 минута. 1:0 за Спортинг. Покрај негативата гостите се соочувале со уште еден проблем. Се повредил Зебец, а измените се уште не биле дозволени.

„Немавме воопшто среќа на стартот бидејќи примивме гол, а Зебец се повреди. Овие два моменти ни донесоа нервоза“, раскажува напаѓачот на Партизан, Првослав Михајловиќ. Тренерот Александар Томашевиќ направил неколку рокади на терен, а повредениот Зебец го ставил по лева стана и го тргнал од зоната за шутирање.

Измените функционирале и Милутиновиќ пред паузата израмнил на 1:1. Истиот играч на стартот на вториот дел направил целосен пресврт.

„Вториот гол кој го примивме беше неблагодарен. Топката целосно ја измени траекторијата поради ветерот и ме измами“ се пожали дефанзивецот Мануел Пасос. Во меѓувреме црвен картон за Жоао Галаз.

Тоа секако не е причина Португалците да се откажат. Младиот Куим, најновото засилување на Спортинг дебитираше на 19 години и во 65-та минута израмни на 2:2. На 17 минути до крајот стигна голот на Бобек за 2:3 за второ водство на гостите. Последниот гол на мечот за возбудливи 3:3 на првиот историски меч во КЕШ го постигна Мартинс, кој го постигна првиот.

„Очигледно дека на квалитетот на мечот влијаеше силниот ветер. Партизан е еден од најдобрите клубовите кои биле тука да играат“, вели Хозе Мануел Травасос, еден од славниот квинтет во нападот на Спортинг.

На реваншот во Белград, Партизан славеше 5:2, а Милутиновиќ постигна 4 гола. Југословените стигнаа до четвртфинале каде беа елиминирани од Реал Мадрид, шампион на Европа таа година кој славеше 4:0 во Мадрид и загуби 3:0 во Белград.

5 септември 2016 - 16:15