Лига Европа

Трофејот во рацете на Манчестер, Јунајтед доаѓа во Скопје!

Славниот клуб го освои единствениот трофеј кој му недостасуваше во богатиот музеј, откако вечерва убедливо го победи Ајакс 2:0 (1:0). Мурињо стигнува во Скопје на 8. август на дуел од Супер Купот.

Манчестер до финалето стигна откако ја мина групната фаза на Лига Европа со Феенорд, Фенербахче и Зорја, а подоцна успешно ги минуваа пречките ширум Европа: Сент Етјен, Ростов, Андерлехт и Селта.

Ајакс до дуелот за трофеј стигна откако испадна во квалификациите за Лига на шампиони, а во групната фаза заврши прв пред Селта Виго, Стандард Лиеж и Панатинаикос а потоа ги елиминираа Легија, Копенхаген, Шалке и Лион.

Мечот започна со 1-минутно молчење во чест на жртвите од терористичкиот напад во Манчестер ден претходно:

На „Френдс Арената“ во предградието на Стокхолм, Солна пред околу 50.000 гледачи “Црвените Ѓаволи“ наметнаа свое темпо уште од почетокот и го искористија моментумот во кој славниот Ајакс делуваше импресионирано.

Во 18-та минута, еден бавен напад на Јунајтед заврши со гол. Погба прими тока на 20-ина метри од голот на Онана, направи чекор и распали. Топката го погоди Санчез којшто и го смени правецот и го измами голманот Онана за големо славје на англиските навивачи.

До крајот на првиот дел избраниците на Мурињо успешно ја чуваа предноста и добро го заштитија голот на Серхио Ромеро кој бранеше и вечерва. Веднаш после паузата, Ерменецот кој беше неприметен во првиот дел, Михтарјан зголеми на 2-0 и го приближи Манчестер до единствениот трофеј кој недостасува на „Олд Трафорд“. 

Просекот на години на Ајакс сезонава е 22,5 години, а „Копјаниците“ финалево го играа и со најмладиот фудбалер во историјата на едно европско финале, Матајс де Лигт. Веројатно и неискуството го направи своето, па фантастичниот Каспер Долберг беше неприметен па во 62. минута го извадија од игра.

Во последните 20 минути тренерот на Ајакс Питер Бош како да наложи тотална офанзива на своите, но искусниот Мурињо успеа да го сочува водството и заслужено да му се израдува на вториот пехар од Лига Европа во кариерата (прв европски на Ибрахимовиќ во кариерата).