Приказна за фудбалскиот пат на Павел Недвед

„Тешко ја поднесов разделбата на Чехословачка“

Човекот кој се ожени со девојка му од детството, со која се бакнувале во складиштето во малиот град Скална стана најдобриот фудбалер на Европа и даде дебитантски гол на Еврото 96-та. Бескомпромисен борец за кого Умберто Ањели стражарел во дворот за да не му го украдат назад во Рим.

Во Чешка во младоста Павел Недвед го викале Стахановец (синоним за вреден работник и следбеник на движењето на Советот Алексеј Григориевич Стаханов), затоа што ја водел топката, трчал како гепард, давал голови, урлал, викал по судии.

За два месеци во есента 1993. година добил три црвени картони. Тоа ги примамило Италијанците. Во првата година после преоѓањето во Лацио, 17 пати го викале на допинг-контрола, но секогаш се испоставувало дека залудно го трошат времето.

„Мојот допинг е тренингот. Во Прага трчав навечер наместо да седам со другите играчи во ресторан и ме викаа психо“, се сеќава Недвед во интервју за World Soccer.

Јувентус го купи место Зидан, но во првите недели играше како да носи фрижидер на грбот. Грешеше, беше нервозен и лут и за време на Божиќните празници се заклучувал во вежбална, а две години подоцна на 30 години ја доби „Златната Топка“ за најдобар фудбалер на Европа (Ballon d'Or).

Во една од најголемите победи во историјата на Јуве, над зидановиот Реал Мадрид, „Чешката фурија“ го одигра најдобриот, воедно и најболниот меч во кариерата, затоа што Бјанконерите славеа 3:0, но Недвед во судиското продолжение го фаулираше Стив Мекманаман, доби жолт картон и го пропушти финалето на Лигата на шампионите против Милан. Многу навивачи на Јуве се сигурни дека со Недвед во тимот ќе триумфираа на „Олд Трафорд“.

Кога го прашуваат за тоа кои натпревари посебно ги памети, Недвед меѓу другите се сеќава и на гостувањето со Лацио против рускиот Ротор во Волгоград. Во друштво на тогаш страшните Манчини, Бокшиќ, Казираги и Бепе Сињори, Недвед до тој момент дал три гола во Серија А и два во Еврокуповите.

Вечерта го Волгоград го пречекале како свој поради тоа што секогаш и секаде го оставаше срцето на терен. Лацијалите победија 0:3, Недвед не даде гол но таа сезона стигнаа до финалето на Куп УЕФА каде загубија од Интер во Париз.

Една година претходно Недвед ни беше една од ретките сликички Panini за Европското 96-та која тешко се паѓаше во пакетчињата. Сухопарек, Немечек, Куба, Поборски, Кука, сите паѓаа почесто, а за Павел мораше да се отворат неколку пакетчиња. По Интернет форумите луѓе се уште трагаат за таа сликичка. 

Детсвото на Павел Недвед не беше ништо понезначајно. Израснал во Скална, место на самата граница со Источна Германија, во близина на караули и рудници каде работел татко му Вацлав.

Павел и неговиот другар Томаш краделе овошје од локалните ниви и со девојчињата се криеле во напуштените складишта. Првата љубов му била девојката Ивана која што дошла во Скална да ја посети баба и. На почеток Ивана му се допаѓала на Томаш, но таа го сакала русокосиот Павел.

Во старото складиште, кое за нив било како рај на Земјата еднаш останале сами, а Недвед доцна се сетил дека на местото каде што отишле, претходната вечер некој од неговите другари оставил непријатен потпис од природата по изедените јаболки и јаболки. Се збунил, почнал да пелтечи, да се поти и го фатило паника како да си дал автогол во првата минута.

Пет години подоцна Ивана станала негова жена. Во тоа време Недвед ја сменил армиската екипа Дукла за Спарта Прага, заработувал 7.000 чешки крони (400 евра) месечно и живеел во изнајмен стан во 9-от реон на Прага. Ивана почнала да работи како медицинска сестра во местото Хеб, близу Скална.

Павел во еден момент ја убедил да се пресели во Прага, но таа се навредила затоа што неговата гарсоњера била околу 36 кваратни метри и седеле во една соба. Фудбалерот на една забава се напил толку многу што Ивана го нашла дома како заспал во одело. Од тој момент Павел се ограничувал себеси со алкохолот а во неколку интервјуа изјави дека оттогаш досега веќе никогаш не пиел алкохол.

Во дресот на Спарта Прага Недвед го одигра последното заедничко првенство на Чехословачка (неговото деби претходно за Дукла го гледале 600 луѓе, а во Прага играл пред 10.000). Во есента 1989. година Павел отишол на демонстрации во Плзен каде играл за тимот Шкода и како и сите други барал отворени граници и слобода на информирање.

Во својата автобиографија La mia vita normale, Павевл признава: „Поделбата на земјата ја доживеав болно и тажно. Многу ми беше тешко. Ние и Словаците сме исти, имаме слични јазици и заедно ќе бевме посилни“.

Две години подоцна кога стигнал во Спарта во нападот играл со високиот Јан Колер кој на почетоците на кариерата бранел а потоа станал центарфор во селото Сметаново Лота. Во тандем со Павел кој му асистирал, Колер стана ударен шпиц и двајцата стигнаа до репрезентацијата. 

На стариот стадион во Даблин против Ирска, Недвед го заменил легендарниот Јиржи Немец и тогаш дебитирал за националниот тим. Чешка водела 3:1, а Павел загубил една топка пред крајот и отворил опасна контра за Ирците. Селекторот Душан Ухрин урлал на него.

После 24 месеци, на „Енфилд Роуд“ по еден продор на Поборски по левата страна, на дербито против Италија Недвед го постигна дебитантскиот прв гол за својата земја. Иако Италија израмни, а Чесите добија црвен картон, на крајот славеа 1:2.

Пред мечот од третото коло во групната фаза против Русија на Чешка ѝ требаше бод за да оди во четрвтфиналето и нормално, Недвед главен во ремито 3:3. Наместо повратна авионска карта, чешката забава на Европското продолжи.

Стигнаа во полуфиналето каде Павел даде гол од пенал против идниот Светски првак Франција и Чешка влезе во историското финале. На тоа Европско селекторот Душан Ухрин им дозволил на играчите да бидат сместени со жените. Од таа причина Ивана се вратила бремена во Прага, а Павел како вицешампион на Европа и нов фудбалер на Лацио.

Тренерот на Лацио Зденек Земан одамна сакал некој Чех во Лацио, но никој не бил доволно добар. Четири месеци пред Европското Недвед бил во Прага и играл пријателска за репрезентацијата. Стадионот на ридот Страховски бил прекриен со снег, а Земан се тресел од студ во ложата.

На загревањето го изненадил русокосиот фудбалер кој одлично шутирал. Легендарниот Земан заборавил на студот и го гледал мечот само поради Павел. На враќањто во Рим Земан го убедувал Серџо Крањоти, сопственикот на Лацио: Купувај го! Купувај го веднаш!, на што контроверзниот богаташ одмафнал со рака: ’Каков Недвед, полека, стрпи се’. По голот против Италија и пласманот во финалето на ЕП, цената на Недвед пораснала за четири пати, потпишал преддоговор со ПСВ, а тогаш Крањоти ја признал грешката: ’Јавувајте му се, преубедете го’.

Лацио на подготовки тоа лето отишол на 10 километри од Скална, родниот град на Недвед. Кога мајка му дошла во хотелот со полн овал пилешки котлети на чешки начин, Павел поцрвенел од срам.

„Не можеме мамо, на диета сме“, срамежливо рекол Недвед по што се огласиле Сињори и Казираги: „Не биди будала, ние ќе ги изедеме“. На крајот Павел не јадел, а напаѓачите на Италија го јаделе најубавиот чешки домашен специјалитет. 

Земан се запознал со Павел преку својот роднина Зденек Шестак кој работел во Лацио како администратор, а во 1996. година станал личен асистент на семејството Недвед. Шестак ја возел Ивана во болница, им барал пристоен стан во центарот на градот, му барал кола на Павел и на крајот после четири месеци го сместил во ново место, неприметен кварт близу тренинг базата Формело.

Но Шестак најмногу им помагал со преводот. Првата работа која што Недвед ја научил за време на пеколните тренинзи со Земан во Рим била да каже sono stanco (уморен сум). По еден тренинг гледал Олимпијада во Атланта со Шестак и заспал исто како што заспал кога првпат се напил. „Крањоти сакаше да го создаде најдобриот клуб на светот. Ги купи Манчини, Бокшиќ, Виери, Салас, Михајловиќ, Југовиќ, но победничкиот гол во финалето на Купот на Купови против Мајорка го даде човекот кој Крањоти не сакаше да го купи“, раскажа Шестак во интервју за чешкиот портал Idnes.cz

Година дена после тоа, Недвед се заклучил во тоалетите на Стадио Олимпико со бекот Џузепе Фавали. Причина: На теренот имаше преку 70.000 луѓе, десетина играчи и вработени во Лацио. Лацио три месеци беше втор на табелата во Италија, Јуве им бегаше два бода пред последното коло. Тогаш на Олимпико „Бјанкочелестите“ ја победија Реџина 3:0 и цел стадион слушаше пренос од мечот во Перуџа каде Јувентус „се удави“ (1:0) на поплавениот терен и го загуби Скудетото.

Фавали нервозно пушел цигара за цигара а Недвед ја држел вратата кај тушевите обидувајќи се да слушне пренос во бучавата. Во еден момент кратка тишина и сознание: Шампиони сме! Првпат за четврт век!

Следното лето, Недвед требал да го продолжи договорот со Лацио. Во Рим се родиле две негови деца (со имиња како мајка им и татко им Ивана и Павел). Семејството совршено живеело во „Вечниот град“. Недвед најмногу се дружел со соиграчите од Лацио, Гуерино Готарди и Дејан Станковиќ.

Крањоти не дошол на преговори и го пратил син му, а договорот висел во воздух, особено откако Крањоти помладиот го фрлил договорот на маса како да фрла паричка на пројсак на железничката станица Термини. Или подобро објаснето, Недвед се осетил мизерно како кога Кафу од него направи мало дете на римското дерби:

„После таа сцена стана јасно на каде се движи Лацио. Не сакав ароганција“, вели Недвед во својата книга.

Потпишал договор, Лацио не можеше да го загуби без обештетување, но Павел на крај побарал од агентот Мино Рајола да се пресели во друг клуб.  Во Торино, Павел и Ивана не можеле да најдам сместување. Во центарот било ветровито и непријатно, но близу забавниот парк Ла Мандриа било зелено и близу имало планини. Павел еднаш завршил со тренинг кога му се јавила сопругата: „Каде си? Кога ќе дојдеш, на врата ни дојде некој постар човек“.

Немало ограда во куќата, а и да имало што би му сметало на досаден пензионер да ја отвори. Со вакви мисли Павел брзал дома и видел како Ивана го послужува кафе Умберто Ањели, почесниот претседател и икона на Јувентус.

„Докторе, не успеав да стигнам да ве запознаам со жена ми“, се извинувал Недвед. А Докторот се плашел само Недвед да не го приберат назад во Рим и правел Чесите да се чуствуваат во Торино како дома.

Мурињо два пати го викаше: еднаш во Челси кога Јуве испадна во Серија Б, а потоа и во Интер кога Недвед се мислел дали да го продолжи договорот. Два пати го одбил Специјалниот, но малку зборувал за вечна љубов кон својот клуб. Џанлука Ѕамброта еднаш признал дека цели пет години во соблекувалната, Недвед им викал само здраво и пријатна ноќ. Не важеше за емоционалец, туку за бескомпромисен борец кој сега е потпретседател на Јувентус и ужива со семејството во Торино.