Детето од Хумска улица

Сторија за фудбалскиот пат на Матеја Кежман

Од Земун преку Прилеп и Пирот патот го носи во Ајндховен, Лондон, Париз, Истанбул, Мадрид, Санкт Петерсбург и Хонг-Конг. Матеја Кежман е најомилениот играч во кариерата на Гус Хидинк и фудбалер кој Тери го спречил да се степа со Жозе Мурињо

ТЕШКАТА ПОВРЕДА НА КОСОВО

Во пролетта 95-та година сè можело да заврши уште не почнато. Извесен Јован Танасиевиќ му ја скршил десната нога на Кежман на јуниорскиот пријателски меч Косово - Србија и Кежман итно го однеле во приштинската болница. Гипсот му го ставиле некако набрзина а Кежман маката ја видел при враќањето во автобусот затоа што до дома ги чекал долг пат од седум часа.

Во Белград го однеле кај доктор Сремчевиќ кој силно здивнал кога го видел: Гипсот мора да се вади, фрактурата не е проста туку двојна скршеница. Операција? Не, така ќе паузира долго време. Пробале ласерски. Два и пол месеци Кежман не се мрднал од кревет а потоа претседателот на Југословенската фудбалска федерација Миљан Миљаниќ купил апарат за магнетна терапија за 16-годишниот напаѓач на Земун.

Понатаму за Матеја се грижел доктор Казимир Стокиќ, фитнес-тренер на ФК Земун: Го принудувал Кежман да трча долж плажата Лидо на големиот и познат „Воен остров“ кај Земун, го мачел во теретана а шест месеци после програмата Матеја повторно заиграл фудбал. 14 години подоцна, во есента 2009-та, крвникот Танасиевиќ и Кежман можеле да се сретнат пак на мечот Зенит - Динамо Москва, но првиот не отпатувал во Санкт Петерсбург поради суспензија, а него го заменувал Романецот Ропотан кој не го спречил Кежман да го даде победничкиот гол.

ГРАДСКАТА СЛАВА И ДЕВОЈКАТА ВО ПИРОТ

Татко му на Кежман, Златко бил голман и го носел Матеја на тренинзите на ФК Земун, а потоа му се пожалил: “Тешка работа е оваа сине, ќе газиш во кал како стаорец, ќе кршиш прсти, заби, ќе добиваш удари а луѓето на крај ќе ги памтат само твоите грешки“, му рекол Златко на син му Матеја.

Детскиот тренер во ФК Земун, Небојша Миличиќ обликувал напаѓач од малиот Кежман: го викал на гости додека сопругата спремала вечера, му пуштал касети со дриблинзите и головите на Паоло Роси кој стана Светски шампион во 1982. со Италија.

Заминувањето на Миличиќ во Шпанија (отишол таму на два месеци, но за време на војната во Југославија останал во Шпанија цели 20 години) го натажило Кежман кој од него научил многу финти и движења. Малиот Матеја го чекал нов предизвик во Земун.

„Ти мора да сфатиш дека мора да се враќаш назад кога ќе изгубиш топка напред. Должен си да се вратиш, твоите соиграчи умираат од трчање, а ти не се враќаш“, му викал новиот тренер Бранко Дедиќ.

ФК Земун наскоро го ослободил Кежман. Во летото 1996. година тренерот на првиот тим Јован Ковриља го предупредил Матеја: „Доаѓа тешка сезона, ќе се бориме за опстанок, извини, не е до тебе“. Тогаш татко му Златко го пратил син му кај стариот другар Миле Томиќ, тренер на клубот Раднички од Пирот и поранешен играч на Земун.

Раднички Пирот тогаш играл во втората лига, а таму важело правилото на терен една екипа да прати само тројца младинци, меѓу кои немало место за Кежман. Тогаш патот за првпат го однел Матеја далеку од своите родители, во Пирот - југо-источна Србија во стан со врсниците Дробњак и Гвозденовиќ. За Раднички Пирот играл на 17 години.

Во месец мај, на две недели пред крајот на сезоната, се досадувал и чекал да се врати дома во Белград, но на градската слава во Пирот видел девојка која што му се допаднала.

Кежман се вљубил на прв поглед, но знаел дека наскоро треба да се враќа во Белград. Не сакал сам да оди на одмор и купил два билети за воз до Јадранско море, но Емилија не ја пуштале нејзината мајка и постара сестра. ’Залутан фудбалер од Белград? Нема теорија’, ѝ викале.

Кежман веднаш отишол да преговара - првпат во животот и Емилија не само што ја пуштиле на море, туку и на студии на Белградскиот универзитет. Емилија среќна се преселила во големиот Белград.

ПРИЛЕПСКА ПОБЕДА ПРЕСВРТ ВО КАРИЕРАТА

По враќањето од позајмицата во Пирот, Кежман повторно тренирал со Земун. За пријателската средба против прилепска Победа, новиот тренер на ФК Земун, Димо Митровиќ викнал 23 играчи и речиси сите ги заменил на полувремето во Прилеп. Малиот Кежман го здогледал на 15 минути пред крајот: “Еј мали, ти уште не играше? Па иди влегувај во игра ајде што чекаш!“

Матеја дал два гола, а следниот ден татко му му рекол: ’Денес не одиш на тренинг’. На крај Златко се скарал со раководството на Земун и им кажал дека веќе син му нема да го видат.

“Знаеш дека до вчера те забораваа. Цела ноќ не сум спиел поради тоа. Они бре не ги ценат своите деца. Мислиш дека можам да гледам како ти ја уништуваат кариерата? -А чекај што да правам јас? , прашал исплашен Матеја. ’Веќе ти најдов ангажман. Ќе одиш во Лозница“, му рекол татко му Златко.

КАКО НАВИВАЧ НА ПАРТИЗАН, НЕ САКАЛ ДА СЛУШНЕ ЗА ЦРВЕНА ЗВЕЗДА

Одново се спуштил во втора лига и мизерните терени, но наскоро добил повик во младинската репрезентација на Југославија и покана за проба во Андерлехт. После 10 дена во Брисел седнале да зборуваат за договорот, Златко Кежман им побарал 15.000 марки годишно, но добил само повратна карта за Белград, а таму Црвена Звезда: “Давај го кај нас!“.

Матеја како тинејџер скокал на јужната трибина на стадионот на Партизан, се тепал со навивачи на Црвена Звезда и никако не сакал да го предаде својот клуб, но татко му инсистирал: ’Матеја, сине, стално ѕвонат и нудат договор, -Не, ќе почекаме’, одговарал одличниот напаѓач.

Заминал на 6 месеци да игра за ФК Сартид Смедерево од каде чекал повик од Партизан. Стариот лисец Ненад Бјековиќ, алфа и омега во белградскиот клуб дошол еднаш да го гледа Кежман, но дознал дека тука седнал и скаут на Црвена Звезда и гласно викнал: „Кој ме пратил овде мене? Што барам ја овде кога нема што да се види, ова се слаби играчи“, викнал Бјеко и на полувреме мудро го напуштил стадионот. Веќе успеал да го процени Кежман и сакал да го збуни ривалот.

Дека ќе дојде во саканиот клуб, Кежман дознал од тренерот Тумбаковиќ: „Многу брзо полета, треба малку да се оладиш“, му рекол сега актуелниот селектор на Црна Гора на Матеја кога потпишал со Партизан.

Септемвриското дерби со Црвена Звезда Кежман го почна на клупата и влезе во последните минути кога резултат беше 1-1, а навивачите од централните трибини се упатувале кон излезот: Не го виделе победничкиот гол на Матеја кој го прослави така што скокна преку рекламите и се затрча кон својот југ. Кога се враќал после мечот дома, од возбуда не закочил на црвено светло и се удрил со колата во друго возило. Среќа оштетениот бил страствен партизановец па само го потапшал по рамо.

По двомечот со Лацио во Купот на УЕФА, Кежман го сменил дресот со легендарниот Манчини, го ставил дома да се суши на терасата но заборавил дека е на трети спрат и некој лесно може да се качи по платформата. Но Матеја направил нешто друго: го дал дресот на Манчини на подарок во армискиот реон Церак Виногради.

Првенството на Југославија се прекина во март 1999. година поради НАТО бомбардирањето, а во јуни кога воената операција заврши, Партизан беше прогласен за шампион без да се доигра сезоната. Две недели подоцна „смртните непријатели“ се сретнаа и во финалето на Купот каде Звезда мечтаеше за реванш и со 4:2 го совлада Партизан на Маракана.

Кога Кежман дал еден од головите, се свртил кон северната трибина кај Делиите и со рацете имитирал пукање од автоматска пушка кон нив.

После финалето на Купот, Матеја пред зграда го начекале навивачи на Звезда а едниот со пиштол во рака му рекол: „Ќе ти пукам во нога, гомно едно гробарско!“. Едниот од присутните ја смирил работата, а Матеја подоцна им се извинил на Делиите во ток-шоуто Минимакс.

РЕКОРДЕН ТРАНСФЕР ЗА ПСВ И РЕФЛЕКТОРИ ОД ФИЛИПС НА ЈНА

Брзо го стекнал ѕвездениот статус: титули, пехари, голови, фарбана коса, сребрени копачки, обожавателки и висока плата. Сними песна и спот со пеачката Зорана Павиќ после што пола Белград го мразел а другата половина го сакала уште повеќе.

Кежман се изнадавал голови во новата сезона од југословенското првенство и доби повик во репрезентацијата. 70-годишниот селектор Вујадин Бошков бил сигурен само во Синиша Михајловиќ (со него работеше во Италија) и листата за другите била отворена.

Пред почетокот на ЕП 2000 година во Холандија и Белгија репрезентацијата заминала на турнеа во Азија да заработи пари, таму играле на 38 степени и во Белгија дошле исцрпени. Во 86’ минута од мечот со Норвешка, младиот Кежман го замени Мијатовиќ и после само 36 секунди, веројатно од желба, остро стартуваше над Ерик Микланд и го виде црвениот картон во раката на судијата Хју Далас.

Преживеал три ноќи без сон и потоа го сретнал судијата Далас во ВИП ложата од стадионот на Клуб Бриж каде Југославија ја одигра легендарната средба против Шпанија: „Жал ми е, ти си млад, одличен играч, но сигурен сум дека постапив правилно“, му рекол Далас.

Истото лето во англискиот град Истборн се родила рок-групата Kezman. Основачите на бендот, Том и Макс признале: „Нè инспирираа 40-те гола на Кежман за Партизан и трогателниот момент кога го исклучија псоле 36 секунди откако влезе во игра“

Оние кои повеќе ги интересирале неговите фудбалски вештини од драматичниот црвен картон организираа аукција: Фиорентина нудела 9 милиони евра, Рен 10 милиони, но на крајот победил ПСВ Ајндховен кој дал двојно повеќе отколку за ван Нистелрој една година претходно. За Србинот платиле 14 милиони евра! Покрај тоа „Филипсовци“ на Партизан како дел од трансферот на Кежман му дале и нови рефлектори во вредност од неколку милиони евра.

Наголемиот холандски скаут Пит де Фисер го следел Кежман цели четири години - од јуниорскиот турнир во Суботица каде формирал оцена за него а подоцна правел и психолошки портрет за страшниот талент. На трансфер де Фисер инсистирал веднаш после мечот на Партизан со Лидс на неутрален терен во Херенвен.

СТАРТОВИТЕ НА ВАН БОМЕЛ И ТЕПАЧКАТА СО ТЕО ЛУСИУС

На 21 година Кежман потпишува со ПСВ Ајндховен и станува најскапиот играч во историјата на овој клуб.

Животот на Земунецот во Холандија почнал жустро. Играчите на ПСВ му ги украле врвците од копачките додека бил на масажа, а потоа го удирале по нозете на тренинг: “Мислев дека ван Бомел, Фабер и другите сакаат да ме скршат. Чекав бекот Тео Лусиус да ја прими топката и му скокнав со две нозе. Ми стана и ме фати за врат да ме дави. Тренерот Ерик Герец нè раздвои и нè прати во соблекувалната, пишува Матеја во својата автобиографија „Само Бог може да ми суди“.

’Што мислиш дека правиш ти? -Се борам за мојот статус, иначе ќе ме изедат’, одговорил Матеја кој набрзо изнајмил куќа на шест километри од Ајндховен. 

Живеел во мало и тивко предградие каде после 20 часот се е пусто, но еднаш годишно се организира карневал и после една недела тешки пијанства, луѓето доброволно си ги менувале жените и девојките. Во време на карневалот Кежман ја пратил девојка му Емилија во Белград. Подалеку од гревот. 

За две години во ПСВ, Матеја Кежман даде 50-ина гола и стана миленик на навивачите и на цел град, но тренерот Геретс необјасниво во еден момент го ротирал во составот, поради што се потпишувала петиција за негова смена.

Нов тренер станал Гус Хидинк кој после поразите од Феенорд во лигата и Арсенал и Борусија во ЛШ, им кажал на играчите дека три дена ќе отсуствува да игра голф и сами да се спремаат за дербито со Ајакс. ПСВ славел 4:2 и за шест месеци ја вратил шампионската титула, а Кежман стана најдобриот стрелец во Европа. За една година даде 32 гола (во последното коло со Гронинген сите играле опуштено, само тој гинел да даде гол и да го престигне Рој Макај во трката за „Златна копачка“).

Милан, Барселона и Манчестер Јунајтед го сакале во своите редови, но морале да почекаат затоа што Хидинк сакал тимот прво да се пласира во Лига на шампиони па после Матеја може да замине.

ОБИДОТ ЗА КИДНАПИРАЊЕ

„Според нашите сознанија, вас сакале да ве украдат“, слушнал Кежман од еден полицаец на аеродромот Схипхол во Амстердам кога се враќал од Велс каде играл со репрезентацијата.

Полицијата во Арнхем уапсила 58-годишен Србин со подебело криминално досие во Белград. Бил обвинет дека планирал да го киднапира Кежман за откуп, но го пуштиле поради недостиг на докази.

Хидинк тогаш дошол во куќата на Кежман, ја успокојувал Емилија дека клубот обезбедил заштита и го посоветувал една недела да земе одмор. На домашната средба против Херенвен, навивачите кренале голема парола со натпис: „Кежман, ние сме со тебе“, а во 79’ Матеја им врати со гол.

После тој натпревар одлетал на шест дена во Египет и кога се вратил дознал од комшиите дека пред неговата куќа одвреме-навреме дежурало некое сомнително комбе.

ЈАХТАТА НА АБРАМОВИЌ И ПРОБЛЕМИТЕ СО ЖОЗЕ МУРИЊО

Летниот одмор 2004-та Кежман го провел во Португалија: Бил стручен коментантор за РТС а Роман Абрамовиќ стигнал со јахтата во Португалија и тоа била потврда за медиумските натписи дека Роман покрај Европското доаѓа и за потписот на српскиот центарфор.

Во Ајндховен Матеја возел стар „Мерцедес“ и го советувале да не трча по богатството во Челси. Но Русинот бил решен и епилогот бил јасен, Кежман стана нова играч на Челси. А таму...

„Да не си дошол уште еднаш со оваа кола на тренинг. Овде треба да имаш се најдобро и најново: куќа, кола, одела“, му рекол Тери пред првиот тренинг.

Во Премиер лигата Кежман не можеше да даде гол до декември (првиот гол го даде од пенал со Паненка). Влегувал во игра ретко, но веќе следната година, март и февруари му биле поведри: Даде гол против Барса во нокаут рундата на ЛШ, постигна решавачки гол против Ливерпул во финалето на Лига Купот а потоа повторно го седнаа на клупа.

На еден меч против Фулам во второто полувреме Мурињо го загревал Кежман за да замени повреден играч, но на крајот се решил за друга замена поради што Србинот наместо да се врати на клупата, отишол директно во соблекувалната. По мечот помошникот тренер Руи Фарија му рекол: „Мурињо кажа кој не играл, мора да тренира сега. -Нека тренира сам“, одговорил Кежман.

После неколку минути во соблекувалната се појавил и Мурињо: „Матеја, што е проблемот? -Ти си проблемот! Ме доведе овде и ми кажа дека ти требам како играч“, му одговорил брзиот напаѓач.

Во еден момент ситуацијата станала напната и за малку не се степале. Меѓу нив застанале Тери и Лампард и ги раздвоиле. Следното утро двајцата се сретнале со Роман Абрамович и прашал: „Матеја, што било вчера? -Жалам, не требаше така да реагирам, се извинувам, но ме боли кога седам на клупа“, рекол Кежман а Мурињо возвратил: „Јас не сум крив за инцидентот и не сносам одговорност“.

Матеја во шампионската сезона настапи на неколку меча, но Мурињо следното лето го исклучил од списокот на играчи и го ставил на трансфер листата: „Не дојдов овде да шетам по Лондон и да трошам пари. Сакам да бидам лидер на Челси а не да играм 15-20 минути, пушти ме да си одам“, му рекол Кежман на „Специјалниот“.

СЛЕДНА ДЕСТИНАЦИЈА - МАДРИД

Во Атлетико, Кежман дебитираше со победнички гол против Барселона, но потоа го изгубил местото од Фернандо Торес, клубот загубил неколку бодови и завршил 10-ти во Приемра. Во летото 2006-та после Светското првенство каде Немања Видиќ на еден тренинг за малку не му скршил нога, му се јавил директорот на Атлетико: „За тебе се интересираат луѓе од Фенербахче.

„Мора да се шегуваат“, помислил Кежман кој веќе купил куќа во Мадрид, Емилија вложила во уредувањето на домот, учел шпански од Торес кој од него учел англиски, а сега таква вест. 

Десет минути подоцна, директорот пак му се јавил: „Договоривме твој трансфер во Фенербахче, ни треба само твоја согласност“. Шефот на Атлетико Енрике Сересо тогаш објавил: “На клубот му требаат пари, во дологови сме, а Турците даваат 7 милиони и за плата не прашуваат, колку сакаш ти толку“.

Србинот кажал сума за која мислел дека ќе ги обесхрабри луѓето од Фенербахче, по што следувале преговори од 21 вечер до 5:30 сабајле. На крајот Кежман потпишал договор со своите првобитни услови. Откако испил кафе, и се јавил на жена му Емилија која што не сакала да се сели во Истанбул. 

Десетина навивачи на Фенер го собрале Кежман по слетувањето на аеродромот „Ататурк“ и го возеле со отворен кров до стадионот. „Да знаеш дека не си играч на Фенер додека не му дадеш гол на Галатасарај“, му рекле.

Србинот дал гол уште на првото дерби кога за малку не го задушиле десет соиграчи скокнати врз него од радост. Уште попријатно му било што тренер на омразениот Галатасарај бил Ерик Герец кој го малтретираше во ПСВ.

РАЗВОДОТ СО ПРВАТА И НАЈГОЛЕМА ЉУБОВ

Жена му го напуштила Матеја на неколку месеци и на крајот се вратила во Белград. Парот набрзо се развел. „Имавме по 17 години кога се сретнавме, со времето многу се изменивме и немавме веќе заеднички теми за разговор и енергија која што ќе не спојува. Неа не и се допаѓаа честите годишни преселби и моите отсуства и патувања, така што сега на двајцата ќе ни биде полесно“, пишува Кежман во автобиографијата.

Еднаш го викнале на интервју во ресторан, го сликале од страна со новинарката и му извадиле афера на насловна страна.

Претседателот на Фенербахче, Азиз Јилдирим ставил камери пред портата од домот на Кежман во Истанбул за да го контролира неговото движење. „Тоа е за твојата безбедност“, му рекол Турчниот. -Фала, но подобра да ви кажувам кога ќе излегувам надвор“.

Јилдирим неочекувано се сложил а Кежман по пет пати дневно морал да му се јавува на газдата и да му кажува што се случува во паркот или во кафулето. Четири дена пред дербито со Бешикташ Матеја седнал да се напие пиво, по што еден навивач на Фенер му се развикал: ’Како можеш да пиеш пред важно дерби’ и ја удрил чашата во ѕид.

ПАРИЗ И АЈФЕЛОВАТА КУЛА

Изморен од таквата тензија во Истанбул, Кежман побарал да го пуштат во ПСЖ, а претседателот Јилдирим не сакал да слушне: „Имаш уште две години од договорот!“.

Но Кежман сам го откупил договорот и заминал во Париз каде тренерот Пол Ле Гвен бил против негов ангажман. На трансферот инсистирал тогашниот сопственик на ПСЖ поради што неколку месеци тренерот и претседателот не разговарале.

„Треба малку да се симнеш од висините“, му рекол Ле Гвен на Кежман во една прилика и го седнал на клупата исто како и Тумбаковиќ на времето. Србинот, незгоден по темперамент немал многу нерви да тренира и игра со вториот тим на Пари Сен Жермен и побарал на крајот од сезоната да замине.

СТУДЕНАТА И ПРАВОСЛАВНА РУСИЈА

Својата кариера се обиде да ја спаси во Санкт Петерсбург кога потпиша со Зенит. Во овој град, Матеја пишува во автобиографијата, доживеал духовен препород и многу се посветил на православието и редовните црковни литургии.

Но во клубот не го чекале рози и сигурно место.

„На првиот тренинг се степав со најдобриот играч на Зенит, Роман Широков кој беше капитен на Русија“, пишува Кежман.

По Истанбул и Париз, Санкт Петерсбург му делувал помалку удобен пред се поради страшно ниските температури, но таму собрал премии од 50.000 долари само од головите против ЦСКА и Динамо Москва. Но Зенит не се решил да го откупи неговиот договор од ПСЖ и Матеја замина на крајот во Хонг Конг 

Таму играл во иста екипа со Ники Бат, поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед и заработувале милионски суми.

ОДНОВО ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Фудбалскиот пат во еден момент го однесе во Бате Борисов, Белорусија. Таму повторно играше во Лигата на шампионите, по што ја заврши богатата кариера и се реши да заплива во менаџерските води.

„Кога дојде во Ајндховен беше како дете. Му кажав дека ќе го врзам во гаража ако не се враќа во одбраната, а тој за две години даде 76 гола. Многу емотивно и страствено момче беше. Тој е мојот најомилен играч во кариерата“, изјави Гус Хидинк во едно интервју за холандскиот Voetbal International.

Кежман сега од Земун до Пирот и надалеку во Европа наоѓа таленти и им ги отвора вратите на неговиот пат.