Стопер бранеше пенали и го однесе Лудогорец во ЛШ

Романецот Козмин Моци е херој на плејофот за влез во натпреварите по групи од Лигата на шампионите. Една од трибините на стадионот во Разград ќе го носи неговото име, ветил претседателот на „лудата шума“.

Натпреварот меѓу Стеауа Букурешт и Лудогорец, минатата недела заврши со победа на романскиот тим од 1:0 со гол во 88' минута.
 
Реваншот се одигра синоќа во Софија, а после голема борба, дури во судиското продолжение Вандерсон постигна гол за домаќините и го одведе дуелот во неизвесните продолженија.
 
Драмата започна пред крајот на дополнителните минути, кога голманот на Лудогорец, Владислав Стојанов беше исклучен по еден старт надвор од казнениот простор. Во ситуација кога домашниот тренер Георги Дерменџиев ги направи сите три замени, Романецот Козмин Моци (30) се реши да ги облече ракавиците.
 
Откако продолженијата завршија исто како што почнаа, со резултат 1:0, Mоци го облече дресот на резервниот голман Иван Цворовиќ, застана меѓу стативите и одбрани два пенали по што Лудогорец оствари историски пласман во еминентното натпреварување.
 
Необично, токму Моци ја отвори пенал серијата со првиот гол за неговиот тим.
 
 
Големата радост не ја криеше ниту богатиот газда на Лудогорец, Александар Александров кој вети дека некогашниот централен бек на Универзитатеа, Динамо Букурешт и Сиена ќе добие награда за „животно дело“. 
„Ќе Крстиме една трибина од стадионот по него. Не на стадионот Васил Левски каде го игравме реваншот, туку на Лудогорец Арената во Разград“ - изјавил контроверзниот Александров, веднаш по мечот.
 
Стадионот на Лудогорец собира 6 илјади гледачи, но веројатно Разград нема да гледа шампионски фудбал, затоа што клубот сака да игра на стадион со поголем капацитет.
 
Во меѓувреме се појави вест дека освен „Васил Левски“ во Софија, можна дестинација на Лудогорец за натпреварите по групите од Лигата на шампионите е нашата арена„Филип Втори" во Скопје
28 август 2014 - 11:50