Што сè преживеал Роберт Левандовски во раната младост

Лузната кај горната усна му стои од четири години кога паднал по скали со чаша сок. После неколку години скршил нога, неправилно му зараснала, па морал одново под анестезија. Бурната младост без татко го направила посилен и еден од најдобрите европски напаѓачи.

Мајка му Ивона се занимавала со одбојка, татко му Кшиштоф со џудо. Се запознале во редот за лекарски преглед пред почетокот на новата учебна година во Варшава.

Ивона била скромна девојка од градот Грудзендз која дисциплинирано чекала да ја викнат во кабинетот кај докторот кога наишол некој непознат и влегол преку ред. Се задржал половина час, а кога излегол Ивона наострено со показалецот му рекла: ’Те запамтив’.

После еден месец, по една студентска забава, Ивона и Кшиштоф се сретнале повторно и почнале редовно да се гледаат. Наскоро се венчале и добиле ќерка Милена (кога пораснала ја пратиле на одбојка, но сфатиле дека со 172см баш и не е за овој спорт).

Второ дете не планирале, биле зафатени со спортот, но на крајот се родил Роберт. Со првите негови чекори татко му сакал да му ја пренесе љубовта кон џудото.

Кога Левандовски потпораснал, татко му сакал да го вовлече во атлетските трки, Роберт дури и победил на една градска трка, но подоцна сфатил дека фудбалската топка природно го влече.

Малиот Роби живеел во местото Лешно, а фудбал почнал да тренира во Варшава, на половина час од неговиот дом. Кога мајка му го земала од тренинг, морала да ги покрива седиштата со чаршафи затоа што Роберт до уши бил во кал. На теренот на „Варсовија“ немало многу трева и децата играле на земја.

Но Варсовија бил единствениот клуб кој го примил 8-годишниот Роберт. Другите го одбивале. Првиот тренер на Левандовски бил Марек Сивецки кој кога првпат го здогледал, помислил: „Колку е само ситно детево“. Но татко му Кшиштоф настојувал: „Нека изигра на проба, видете го“. Во тој момент во тимот имало две години постари деца.

„Роберт не беше најталентиран во Варсовија, но другите деца пропуштаа тренинзи поради изгребан палец или домашни во школо. Бобек не би пропуштил тренинг ни крај на свет да е“, раскажал тогашниот тренер на децата во Варсовија, Сивецки во минатогодишната биографска книга за Левандовски „Ненаситен“.

Главни таленти во екипата биле Артур Ковалчик и Адам Вечорек кои подоцна играле во пониските лиги. На 16 години Роберт отишол во клубот Делта, филијала на Легија Варшава, тогашен шампион и гигант во Полка. После еден од првите тренинзи таму Роберт кога се вратил дома дознал за смртта на татко му.

Ивона дознала утрото, но не му кажувала на Бобе до вечерта за да не го вознемири.

„Освен коронарни болести на срцето и хипертензија, Кшиштоф фатил и рак. Тој се плашеше од операција и постојано ја пролонгираше“, вели мајката на Роберт Левандовски во биографијата за него пишана од Војчех Жавол.

Роберт во тој период ја земал колата без прашање, ја возел така што ќе ставел перница на седиштето, за да може да седне повисоко, а неговите за тоа дознале многу подоцна. На другиот свој биограф Павел Вилкович, Роберт му признал дека бил бељаџија и проблематичен како мал.

Тепачките од детството му користеле на Роберт не само во тепачката со Лукас Бариос на тренинг во Дортмунд (Бариос се налутил што после победата над Баер 1:0 Роберт му подал една рака, а не две).

„Кога доаѓав дома со модринка, мајка ми креваше паника и хистерично ми ставаше мраз, а татко ми го интересираше друго: колку модрици имал противникот’.

Откако дал четири гола за Делта од кои два против младинците на Легија, славниот клуб решил да го земе кај нив. Но Роберт наскоро ги набил ребрата и неколку недели не играл фудбал. Кога се вратил на тренинзи, не можел нормално да трча, партнерите играле мајтап со него, а од раководството на Легија не му го продолжиле договорот за останување.

Неколку години по смртта на татко му, Бобек останал без клуб. „Да, тоа беше силен удар. не очекував такво нешто. Навредливо беше што никому не бев потребен иако животот го посветив на фудбалот. Дури и се запишав во вечерно школо за да стигнам на утринските тренинзи“, раскажува Левандовски во книгата „Покорувањето на Реал. Мојата вистинска историја“.

Во Легија решиле дека Левандовски не може да конкурира со Давид Јанчик, една од ѕвездите на младинското Светско првенство 2007-ма.

„Тогаш искрено не верував дека Бобек Левандовски е подобар од Јанчик. Давид лесно даваше голови и дриблаше. Животот му се насмеа, но тој не знаеше да ја искористи шансата. Ја фрли низ вода“, раскажува од денешна перспектива Јацек Беднарж, спортскиот директор на Легија од средината на 2000-те.

Левандовски од таму преминал во третолигашот Знич Прушков. Тренероот Анџеј Блах го повикал Роби иако знаел за претходните повреди. Кога Левандовски со Знич го славел пласманот од трета во втора лига, Давид Јанчик преминал од Легија во ЦСКА Москва за 4,2 милиони евра.

Во следната сезона Бобек станал најдобар стрелец во втората лига со 21 гол и потпишал со Лех Познан. 

Но ништо од тоа не би било да не била мајка му. „Кога Легија се откажа од Рооберт, тој се повлече во себе. Дента се врати дома со спуштена глава и трансфер лист во рака. Беше апсолутно потиштен. Не му се ручаше, побара само морков со јаболка“, се сеќава мајка му во документарниот филм за Роберт Левандовски на полскиот канал TVN.

Ивона му се јавила на директорот на Варсовија Марк Кживицки и побарала од него да му најде што било на Бобек.

„Земај копачките и седнувај во кола, му кажала Ивона на синот. -Зошто? ’Можеби ќе притребаат. -Ама зошто?, пак збунето прашал Левандовски. „Ви донесов откритие“, му рекла Ивона на шефот на Знич, Силвиуш Мух-Орлински. -Но госпоѓо, кај нас има многу такви’, одговорил шефот.

Во тој момент се појавил тренерот Анџеј Блах кој му свикал на Роберт: „Што правиш ти овде, тренингот почна, марш на терен!“. Така Роберт му се вратил на фудбалот по отказот во Легија.

До 20 години заработувал 80 евра месечно во Знич, но тоа не му било важно, сакал само да игра фудбал.

Во градчето Прушков, Левандовски се препородил. Давал голови, ги заинтересирал големите клубови, ја сретнал идната жена Ана Стачерска (каратистка на Олимпијада) и се здружил со својот иден менаџер Цезар Кухарски кој инсистирал подоцна Левандовски да ја прифати понудата на Лех Познан.

Самиот Бобек бил склон кон Легија која ја признала грешката и сакала да го врати, но потоа го зземала Шпанецот Микел Аруабарена кој не дал ниеден гол на 10 меча. Левандовски подоцна дознал дека докторот во Легија и кажал на управата дека после повредата на 18 години, Левандовски нема да се прилагоди на сериозен фудбал.

Но, Бобек ги демантирал и дал страшен гол со пета после четири минути на дебито за Лех против Белхатов.

После 15 гола во првата сезона во Познан, Борусија Дортмунд понудила два ипол милиона евра, но Лех ги одбил затоа што мечтаеле за шампионската титула. Ги одбиле и Џенова и Блекбурн. Роби наскоро добил зголемување на платата, и му помогнал на Лех да ја врати титулата после цели 17 години!

За престојот во Лех Познан, Левандовски со фитнес инструкторот Анџеј Каспржак не само што качил маса, туку и научил нови координирани движења. Пола година подоцна после понудата на Борусија, Шахтјор Донецк двал 8 милиони евра, но Роберт не сакал да слушне ниту за Украина, ниту за Турција, ниту за Русија (многу пари нуделе Фенербахче и Зенит). Сакал да игра само на Западот.

Во детството бил на школска размена во Германија, живеел во германско семејство и мечтаел таму да стане професионален фудбалер. Од Донецк го одвратил Мариуш Левандовски, негов роднина којшто играл за Шахтор и му кажл дека нема да има место кај тренерот Мирчеа Луческу затоа што веќе има пет Бразилци во нападот.

На крајот во летото 2010. Борусија Дортмунд го купи Левандовки за 4,5 милиони евра. Три години подоцна „малиот Бобек“ му даде 4 гола на славниот Реал Мадрид во Лигата на шампионите.