Сан Сиро со стоечки овации до Тоти, Спалети тераше инает

На најавата на играчите пред мечот Милан - Рома, кога спикерот стигна до бројот 10 на гостите, цел стадион стана и со долг аплауз ја поздрави легендата која сезонава завршува со фудбалот. Спалети не го стави во игра и продолжи да тера инает.

Вечерта на Милан и Рома стана вечер на Франческо Тоти. На капиенот на Рома кој остана на клупа и не влезе во игра ниту при резултат 1-4 за гостите, целиот милански храм на фудбалот стана да му оддаде признание за неверојатната кариера.

Тоти за последен пат се поздрави со миланската Скала на фудбалот. Курва Суд, јужната трибина од „Сан Сиро“ каде стојат најзагреаните навивачи на Милан синоќа извади банер на кој стоеше натпис: „Југ му изразува почит на ривалот Франческо Тоти“.

Во финишот кога Рома имаше право на уште една замена, навивачите од Рим бараа капитенот да истрча за последен пат на „Сан Сиро“, но Спалети продолжи по свое и го стави Бруно Перес. Како да му залепи шамар на целиот стадион кој сакаше да го испрати во пензија еден од најголемите италијански фудбалери во историјата. 

Пред последните седум минути Спалети го извади Џеко после што згрмеа свирежи од стадионот, но не за Босанецот туку за тренерот на Рома кој не го стави Тоти.

„Зошто не го ставив во игра? Требаше да победиме по секоја цена. Што можев да му дадам за пет минути? Одбрав така, жал ми е. Не знам што требаше, кажете ми. Претходно ме напаѓаа ако го ставев 5 пет минути. Да знаев дека ќе добиеме пенал, ќе го ставев. Резултатот не беше затворен порано и ако не го дадевме третиот гол по примениот од Пашалиќ, сомневав дека ќе завршеше вака“, изјави Спалети по реакцијата на новинарите.

8 мај 2017 - 10:08