Роналдо vs Балотели по нивниот последен контакт

Дуелот меѓу Ливерпул и Реал Мадрид вечерва им носи средба во Лигата на шампионите. Последен пат тоа се случи пред 5 години кога ги носеа дресовите на Интер и Манчестер Јунајтед. Балотели го нарече Роналдо симулатор, но овој денеска му бега со 220 голови.

По првиот осминафинален меч на Меаца, патникот во топ 8 фазата се одлучуваше на „Олд Трафорд“ каде со головите на Видиќ и Роналдо, Интер под водство на Мурињо беше елиминиран.

Балотели кој имаше само 18 години го фаулираше зад грб 24 годишниот Португалец, а  потоа и дополнително му се дереше, веројатно со обвинување дека глуми и дека треба да стане.

Доколку Брендон Роџерс вечерва му даде шанса на Балотели на „Енфилд Роуд“ тоа ќе биде првото нивно соочување по 2051 ден откако се сретнаа на „Олд Трафорд“.

Од 11 март 2009 година до денес бројките помеѓу незаменливите напаѓачи на Португалија и Италија носат голема разлика. Роналдо постигна 280 голови за Манчестер и Реал, а 29 за репрезентација. Балотели 76 за Интер, Манчестер Сити, Милан и Ливерпул, а 13 за Италија. Сезонава Роналдо запиша 19, а Балотели само еден гол.

Преку медиумите имаа само едно соочување:

Балотели: Роналдо еден ден ќе ми го бара дресот.

Роналдо: Марио е добар играч само треба помалку да зборува.

Ѕвездата на Реал Мадрид исто како и Меси има 69 постигнати голови во Лигата на шампионите и го брка рекордерот Раул кој со 71 погодок е најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите. Статистиката со која треба да се занимава тренерот на Ливерпул покажува дека тој е најопасен со десна нога во последните 15 минути од натпреварите.

22 октомври 2014 - 16:41