Роналдо и Реал Мадрид владеат во престолнината

Радоста на Барселона на негативата од само еден поен траеше само еден ден. Реал Мадрид си ја врати предноста од четири поени со победата од 1:4 на гостувањето кај Атлетико во големото градско дерби на Мадрид. Стрелец на три гола беше Кристијано Роналдо со што Португалецот го престигна Лионел Меси на листата на стрелци.

Дербито на шпанската престолнина му припадна на „кралскиот клуб", а со тоа пропаднаа и надежите на Барселона дека градскиот ривал може да му откине некој поен на Реал Мадрид. Реал Мадрид ја забележа и шестата победа во серија над Атлетико и си ја врати предноста од четири поени во однос на Барселона.

Вчерашната победа на Барселона и нивното доближување на -1, не само што не им претставуваше дополнителен притисок, туку и дополнително ги мотивираше фудбалерите на Реал. Гостите поведоа во 25-та минута со одличниот шут на Кристијано Роналдо од слободен удар.

Тоа беше вкупно 50-ти гол оваа сезона за Португалецотво сите натпреварувања.

Големо славје на стадионот Висенте Калдерон приреди Радамел Фалкао кој израмни во 55-та минута. Фудбалерот кој е висок 177 сантиметри успеа да ја зафати топката со глава помеѓу Пепе и Рамос и да го совлада Касиљас.

Сепак славјето на навивачите на Атлетико траеше само 13 минути. Кристијано Роналдо со уште еден прекрасен удар го матираше голманот Куртоа за 1:2.

Во 83-та минута Роналдо стигна и до седмиот хет-трик оваа сезона. Својот трет гол на овој натпревар тој го постигна со удар од белата точка откако Годин го собори Игуаин.

Тоа беше 40-ти гол за Роналдо во шпанската Примера со што тој го престигна Лионел Меси кој против Хетафе го постигна својот 39-ти гол.

На две минути до крајот Каљехон само ја потврди победата.