Роналдо и Меси ја продолжија мртвата трка

Реал Мадрид и Барселона извојуваа победи многу потешко од очекувањата, а Роналдо и Меси ја продолжија мртвата трка за титулата најдобар стрелец.

Реал Мадрид и Барселона се изнамачија во пресрет на пеколната недела кога ги очекуваат полуфиналните дуели од Лигата на шампиони и големото Ел Класико.

Жозе Мурињо се израмни со селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија. Реал Мадрид оваа сезона постигна 107 голови со што се израмни со рекордот во шпанската Примера кој го има поставено истиот тим предводен од Џон Тошак во сезоната 1989/90.

Денешните натпревари поминаа во знакот на рекордите, па така Кристијано Роналдо го постигна 41. гол оваа сезона, со што тој си го надмина своето достигнување од минатата сезона кога постигна 40 голови. Но само два часа подоцна неговиот рекорд беше израмнет од Лионел Меси.

Екипата на Спортинг Хихон прва поведе со голот на Де лас Куевас од белата точка, но по седум минути израмни Игуаин и со резултатот 1:1 се замина на паузата.

Реал Мадрид долго се мачеше да ја круниса иницијативата со уште еден гол, а тоа конечно му успеа на Роналдо во 74-та минута, по што гостите се предадоа, а Бензема ја потврди победата со гол на осум минути до крајот.

По истото сценарио како и во Мадрид и екипата на Леванте прва поведе против Барселона со голот на Баркеро од пенал во 23-та минута.

Леванте пружи жесток отпор и фудбалерите на Барселона долго не успеваа да го најдат патот до мрежата и покрај тоа што вршеа константе притисок кон голот на домаќините, па за израмнувањето се чекаше до 64-та минута.

Голот за израмнување го постигна Лионел Меси по двојното додавање со Алексис Санчез. Неколку минути подоцна, Барселона веќе направи и целосен пресврт.

Во 71-та минута при еден влез на Куенка во шестнаесетникот на Леванте, фудбалерот на Барселона падна по дуелот со Ботељо, а оваа спорна ситуација главниот судија ја окарактеризира како пенал. Сигурен реализатор на ударот од белата точка беше Меси со што тој се израмни со Роналдо на врвот на листата на стрелци со рекордните 41 гол.

Реал Мадрид и Барселона ги очекува пеколна недела. Реал во вторник гостува во Минхен, а следната недела го игра реваншот со Баерн, Барселона во среда гостува во Лондон и следната недела на домашен терен ќе го пречека Челси, а во меѓувреме во сабота ќе се одигра големото Ел Класико.