Реми без голови со Кенгурите, Филип Втори празен

По квалификацискиот пораз од Белорусија во петокот, македонските фудбалери вечерва во Скопје одиграа 0-0 против Австралија во пријателски натпревар.

Репрезентацијата на Македонија, пред празната Филип Втори арена вечерва го пречека редовниот учесник на Светските првенства, селекцијата на Австралија. По бледиот настап против Белорусија, малиот број гледачи вечерва повторно не виде ништо посебно во дуелот во кој Македонија речиси 90 минути играше во подредена положба.

„Сокеросите“ во Скопје дојдоа да се надигруваат, а во текот на целиот натпревар имаа три сериозни шанси да го совладаат домаќинот. Најпрвин Нејтан Бернс, фудбалерот на Велингтон Феникс направи дар-мар по левата страна, го издрибла Даниел Ѓеоргиевски, но неговиот шут го одбрани Мартин Богатинов.

Добра реакција во второто полувреме имаше и Кристијан Наумовски, кој го замени Богатинов. Наумовски спречи водство на Кенгурите во 57. и 66. минута, кога Метју Леки од Инголштад не успеа да го отвори резултатот. Следуваше шанса на Агим Ибраими, но 10-та на словенечкиот Марибор и овој пат не се запиша во листата на стрелци.

Нашиот селектор Бошко Ѓуровски им даде шанса на новите лица во репрезентацијата, Дарко Велковски, Марјан Радески и Душко Трајчевски, но и тие како да се вклопија во сивилото на македонскиот репрезентативен фудбал.

До крајот имаше мирна игра на средината од теренот, без посериозни шанси пред двата гола.