Реал Мадрид се качи на светскиот врв

Серхио Рамос и Герет Бејл му донесоа на Карло Анчелоти нова, втора титула на Светското клупско првенство, откако кралевите во финалето го совладаа Сан Лоренцо со 2:0. 18. меѓународен трофеј за Реал, кој сега се израмни со Милан по бројот на титули освоени надвор од својата земја.

По четврти пат во својата клупска историја, Реал Мадрид стана светски клупски шампион, подвиг што од 1960. година до денес му успеал само на Милан. Шпанскиот клуп на успешен начин ја заврши тековната година и го освои четвртиот трофеј во 2014. година.

Кралот се качи на тронот без многу напор, затоа што аргентинскиот ривал првиот шут на голот на Касиљас го имаше во 57. минута од средбата во Маракеш, главниот град на Мароко. Натпреварот започна нервозно на двете страни, Јужно-американците се обидоа со груби фаули да го стопираат нападот на Реал, предводен од Кристијано Роналдо, Герет Бејл и Карим Бензема.

Реал поведе во 37. минута, кога по корнерот на Иско, Серхио Рамос беше највисок во дуелот и го отвори резултатот. Мадриѓаните напаѓаа и во продолжението, а Сан Лоренцо преку контри се обидуваше да направи нешто повеќе. Дилемата околу победникот ја реши Велшанецот Бејл, кој во 51. минута на асистенција на Иско од 14 метри го совлада Торико, кој неспретно реагираше.

Реал Мадрид на тој начин по четврти пат во својата историја го освои СКП и се израмни со Милан кој исто така има четири пехари во ова натпреварување. По три трофеи имаат Бока Јуниорс, Пењарол, Васко де Гама, Национал и Интер.

За тренерот на Реал, Карло Анчелоти, ова беше втор трофеј на едно Светско клупско првенство. Анчелоти во 2007. година го освои пехарот со Милан. Третото место на турнирот во Мароко го освои австралискиот Оукленд Сити, после пеналите против мексиканскиот Круз Азул.