Првата жена главен судија во Бундеслига

Германската фудбалска федерација реши од следната сезона да ја промовира судијката Бибиана Штејнхаус од втората лига во Бундеслига.

Првпат во историјата на германскиот фудбал главен судија ќе биде жена. 38-годишната Бибиана Штејнхаус од Хановер е меѓу четирите судии кои од следната сезона 2017/2018 ќе судат во најдобрата германска лига.

Штејнхаус е првата жена во фудбалска Европа која што била главен судија. Во 2007-ма судела меч од „Цвајта“, втората германска лига.

Во 2008-ма станала првата жена која што судела меч од германскиот Куп, а на 1. јуни ќе го суди женското финале на Лигата на шампионите меѓу Пари Сент Жермен и Олимпик Лион.

Партнер на Штејнхаус веќе извесно време е најпознатиот англиски судија Хауард Веб кој во 2010-та го судеше финалето на Лигата на шампионите меѓу Интер и Баерн Минхен.

Изборот на германската фудбалска федерација сигурно ќе ги мотивира и останатите фудбалски сојузи ширум Европа да им дадат повеќе простор на женските судии.