Приказната за Виктор Васкез, најдобриот другар и соиграч на Меси

Еден од најталентираните играчи со кој играл Лионел Меси, Виктор Васкез е Каталонец кој 18 месеци паузираше поради повреда, а својата форма ја најде во белгиското првенство. Со Клуб Бриж утре ќе се обиде да го исфрли Ман. Јунајтед од ЛШ.

„Многу ми е драго за тебе и среќен сум“, му кажал Лионел Меси на Виктор Васкез при прославата на голот на Барса на 7 декември 2010. година. Каталонците играа против Рубин Казан и водеа 1:0, а резултатот не беше толку важен затоа што веќе се пласираа во следната рунда.
 
Сепак, за еден играч тоа беше најубав момент во кариерата, затоа што заигра за првиот тим на Барселона, со добриот другар Меси во нападот и тоа прв пат по тешката повреда на лигаментите.
 
„Искористи ја шансава, ја заслужи“, Пеп Гвардиола му шепнал на Васкез пред да го внесе во игра. И одличниот плејмејкер ја искористи. Во 82. минута одлично прими една топка, го виде Меси кој чекаше додавање, но се одлучи да распали по топката и да зголеми на 2:0. Меси и Васкез заедно го прославија голот, како некогаш во детството. И двајцата сакаа да играат заедно во првиот состав, но не беше така. Мечот со Рубин се испостави како последен за Васкез во Барселона. 

Сè започна во 1997. година, кога за 10-годишниот Васкез заинтересирани биле Барселона, Реал Мадрид, Валенсија и Еспањол. Сите го сакале во својата академија, но навивачот на Барса Васкез не се двоумел: „Сакам да играм само за Барса“, им кажал на родителите. Три години подоцна, Васкез и Меси се наоѓаат во младинските категории под водство на тренерот Алекс Гарсија кои ги тренирал во сезоната 2002/2003.
 
Генерацијата 1987 го фати својот пат подоцна. Пике замина во Манчестер Јунајтед пред да се врати во Барса, Фабрегас во Арсенал пред да дојде пак на Камп Ноу па да оди во Челси.
 
Меси дебитираше во 2004. година кај Франк Рајкард, но Васкез мораше да чека многу подолго. Тој тренирал со првиот тим, но во конкуренција на Роналдињо и Андрес Иниеста немало простор за него. Виктор Васкез дебитираше за Барса во април 2008. година на гостувањето против Рекреативо Уелва каде одигра 13 минути. 

Во февруари 2009. година, страшниот талент на Васкез за малку завршил неславно. По остар старт на еден бек на Виљареал Б, Васкез ги скинал лигаментите на десното колено, истото кое претходно го оперирал.
„Втората операција секогаш е сложена и ти можеби нема да заиграш фудбал повторно“, му кажал докторот во болницата, а младиот Васкез се расплакал. Имал поддршка од Меси, Гвардиола и Тито Виљанова кои редовно го посетувале во болницата.
18 месеци подоцна, во септември 2010. година, Васкез се врати и заигра повторно во Б тимот на Барселона во Сегунда дивизион. По 90 дена на теренот, Гвардиола му даде голема шанса против Рубин кога Васкез го прослави голот заедно со другар му Меси. Можеше ли тоа да биде почеток на една бајка? 

За жал не. Васкез наполни 24 години кон крајот на сезоната 2010/2011, а неговата форма после повредата не му гарантираше место во најдобриот тим на светот, така што мораше да бара првотимски фудбал на друго место. Гент го одби, но Клуб Бриж на кого очајно му требал креативен играч од средината решил да се коцка со Каталонецот и му понудил 4-годишен договор.
 
Во Белгија тешко му одела прилагодувањето, притоа Клуб Бриж смени тројца тренери во година ипол. Васкез имаше проблеми и со тренерот Адри Костер кој на еден меч го извади Шпанецот по само 33 минути игра и го замени со 17-годишно момче. Васкез реагираше бурно и не се поздрави со тренерот, но подоцна се извини. Конечно, под водство на тренерот и легендарен голман Мишел Прудом во 2013. година покажува дел од раскошниот талент. 
„Тој ја подобри мојата игра во одбраната и заслужен е што подобро се движам со топка. Прудом пред сè ми помогна психолошки. Јас бев играч кој не се труди многу кога не му оди. Тешко ми беше да се фокусирам на играта. Прудом ми даде неколку прости совети да ги следам и зборуваше со мене многу на паузите и после натпреварите. Пред шест години играв со Меси и ако мислев на тоа, ќе требаше да се откажам од фудбалот“, вели Васкез за Прудом кој го препородил.

Добрите игри му помогнаа на Васкез сезонава да биде избран за најдобар играч во белгиското првенство со 569 поени. Во чест на неговиот најдобар другар, својот син роден во 2013-та го крстил Лео. На 28 години, Васкез сè уште се надева дека може да заигра во поголем клуб од Клуб Бриж.
 
Белгијците утре вечер играат реванш плејоф за ЛШ против Манчестер Јунајтед. Првиот дуел заврши 2-1 за Англичаните, така што Васкез ќе има шанса одново да се прослави против голема екипа.