Премиер лигашите не го игнорираат Лига купот

Манчестер Јунајтед и Арсенал се рекорди со по 11 освоени титули во ФА купот, престижното англиско натпреварување кое важи за најстаро на планетата и се игра од 1871 година. Од 1960 Англичаните почнаа да играат уште еден куп за малку пари, но во последните 10 години го освојуваат претежно големи екипи.

Пред 15 години финалисти во Лига купот беа Лестер и Транмере, тотално неатрактивни екипи кои може да привлечат навивачи само од градовите од што потекнуваат. Кога во 2010 година Јунајтед во финалето ја совлада Астон Вила, Фергусон играше со втор тим, а на гол го стави Пољакот Томаш Кужак.

Но повеќе не е така. Пред неколку дена во спектакуларно полуфинале со многу тензија играа Челси и Ливерпул, а другата двојка беше Тотенхем – Шефилд Јунајтед. И на двете средби немаше игла каде да се фрли на трибините.

Дека ова натпреварување не е фрлање, ни докажува и Жозе Мурињо кој кога пристигна во 2005 година на Стенфорд Бриџ, првиот трофеј го освои токму во Лига купот. Оваа сезона тој во четвртото коло против четвртолигашот Шрусбери Таун во прв тим ги стави Кејхил, Шурле, Оскар и Дрогба, а потоа од клупа ги пушти Азард, Матиќ и Вилијан.

Освен тоа што ФА и Лига купот по старост се разлика 89 години, од ФА купот освен трофеј, победникот добива и директен пласман во Лига Европа. Тоа во Лига купот го нема, а  споредбата е смешна и во пари.

Освојувачот на ФА купот добива 2 милиони, а во Лига купот 100.000 фунти или 20 пати помалку, но и тоа не е никаква гаранција и мотивација за големите екипи дека ќе трудат повеќе кога играат во најстарото натпреварување.

Пред една недела им се случи дебакл во четвртата рунда од ФА купот. Манчестер Јунајтед беше елиминиран од четвртолигашот Кембрич, Челси од Брадфорд кој игра во трета лига и кој по негатива од 2:0, победи 2:4, а Манчестер Сити не го мина второлигашот Мидлсброу.

Во Лига купот се натпреваруваат вкупно 92 екипи од првите четири лиги во Англија, а натпреварувањето стартува на 11 август.

Со исклучок на Свонси и Бирминген, сите останати освојувачи во последната декада се гиганти за кои се знае дека не се задоволуваат со куп. Лани пехарот го подигна Манчестер Сити, а најмногу титули има Ливерпул, вкупно осум.

За овогодишното финале на 1 март меѓу Челси и Тотенхем, што претставува и градско дерби, Вембли е веќе распродаден, а двајцата тренери сигурно ќе играат со прв состав.

30 јануари 2015 - 16:32