Поврзаноста на Жарко Паспаљ со Грег Поповиќ кај кого спиел месец дена кога заиграл во НБА

Владе Дивац и Дражен Петровиќ се легенди во НБА лигата, но таа сезона кога стапнаа таму со нив замина уште една југословенска легенда со која се искачија на европскиот и светкиот трон. Поповиќ го скаутираше, го гледаше како свое дете и беше најтажен што си замина по само една сезона.

Летото 1989-та, Жарко Паспаљ стана еден од првите Европјани кој заигра во НБА лигата. Тој заедно со Дивац, Петровиќ и уште двајца Руси беа единствените петмина кошаркари кои заиграа во најквалитетната лига во светот без да го минат американскиот колеџ систем.

Златната кошаркарска репрезентација која дробеше кого стигне по 20-30 разлика и во која освен гореспоменатите тројца беа уште и Тони Кукоч, Дино Раѓа, Зоран Чутура и други, во јуни 1989-та била на турнир во Дортмунд како дел од подготовките за Евробаскетот на кој таа година беа домаќини.

Таму бил и Грег Поповиќ, тогашен асистент тренер на Сан Антонио Спарс кој го забележал 23 годишниот Жарко Паспаљ, најдобро крило во Европа во тоа време.

„Подоцна дознав дека неколку години инсистирал и прв сфатил дека и надвор од САД има професионална кошарка и дека тоа не треба да се отфрла, туку да се истражи. Грег беше човек кој долго време беше во војска, беше стациониран надвор од Америка и долго време беше во Турција. Затоа беше упатен во европските прилики и неговите погледи беа драстично различни од она стандардно американско конзервативно гледање на работите. Тој знаеше што се случува во Европа и дека тука има многу месо“, вели Паспаљ.

Првиот разговор со него го имал со преведувач, а тоа бил неговиот репрезентативец и член на Црвена Звезда, Зоран Јовановиќ. Кога пристигнал во Сан Антонио, Жарко Паспаљ на почеток спиел во куќата на трофејниот тренер.

„Ситуацијата беше следна: Жена му Ерин, двете деца, кучето, Грег и јас. Што се однесува до конверзацијата само се гледавме. И од прилика така беше тоа. Тој ме гледаше како демек ме разбира нешто, а по очи му се гледаше дека не разбира ништо, а јас можеби за нијанса повеќе. Седев кај него, се додека не дојдат моите и мислам дека тоа се нема случено во НБА лигата“

Паспаљ тренирал по цел ден, но без разлика на тоа тешко му одело во деби сезоната во која тренерот Лери Браун му давал предност на високо рангираниот дебитант Шон Елиот. Паспаљ пред заминувањето во САД бил предупреден од пријател за таквото сценарио, но не сакал да слуша за тој муабет.

„Не е убаво што ќе го кажам ова, но немав среќа некој да се повреди па јас да се уфрлам. Немав среќа со Лери Браун и што е најлошо немав среќа и кога беше рокот за размена на играчи. Спарси преговараа за мене со Голден Стејт, јас го молев Поповиќ да ме пушти, но Браун реши да се откаже од мене за да се ослободи место во тим за уште еден Американец“.

Разделбата со Грег Поповиќ ја опишува како емотивна.

„Дојдов на тренинг и го видов Грег кој беше многу напизден. Ми пријде и ми ја објасни ситуацијата и мислам дека тоа му беше еден од најтешките моменти. Тој момент и оној кога ме испрати на аеродром. Него му беше потешко од мене. Јас веројатно бев најсреќниот човек на светот што си заминувам, мојата мисија таму беше завршена. Но тоа секогаш го зборувам со гордост бидејќи стекнав фантастичен пријател и запознав фантастичен човек“.

Поповиќ во меѓувреме стана прв тренер на Сан Антонио со кој освои пет шампионски прстени.

„Никој во тие моменти не знаеше дека ќе стане толку успешен и јас не го гледав како таков. За мене беше како Грег, кој ме прими дома кога немав каде да престојувам. Јас бев како негово трето дете. За неговите финалиња седев до 6 наутро и после освојувањето на титулите се велев ајде да му се јавам да му честитам. Човекот секогаш ми креваше слушалка, тоа значи дека ме ценел“.

Жарко Паспаљ е еден од симболите на најубавите денови за југословенска кошарка. Три пати стана Европски првак (1989, 1991, 1995) и еднаш Светски Првак (1990) со Југославија која на Светското во Аргентина во полуфинале го совлада САД.

На клупски план со Партизан има освоено Корач Куп, како и првенство и Куп во Југославија, во Грција беше двократен првак со Олимпијакос и освојувач на Купот и со нив и со Арис, а има и една шампионска титула со Расинг Париз во францускиот шампионат.

На 35 години доживеа срцев удар, а по него уште еден, но и покрај докторските совети да ги остави цигарите и да го смени начинот на живот, тој реши да си тера по свое.

Кога во 2009 година Владе Дивац стана претседател на Олимпискиот Комитет на Србија него го назначи за него заменик. Легендарниот Паспаљ кој вчера наполни 51 години живее во Белград, а лани во интервју за српските медиуми зборуваше и на теми вон кошарката.

„Поминаа 10 години, грижи, стресови, војни, ембарго, Хрватска, Косово. Па тука и ненормален би полудел. Велат умре од стрес, па како нема да умре? Ние сме едни против други како да сме Срби и Хрвати, а не Срби и Срби. За основни работи не можеме да се разбереме. Понекогаш мислам дека политичарите се вонземјани кои дошле од друга планета, додека за народот постои друга ситуација.“

Шон Елиот зборува за порокот на Паспаљ

Неговиот учинок на полуфиналето меѓу Југославија и САД на СП 1989

Песна за Паспаљ

28 март 2017 - 14:33