Писмо од Курва Суд до Силвио Берлускони

Навивачите на Милан го загубија трпението што го имаа за управата и за најголем виновник за неуспесите на тимот го сметаат Адријано Галијани.

По неделниот пораз од Лацио во првенството, Милан вечерва го дочекува истиот противник во четвртфиналето од италијанскиот Куп. Во пресрет на дуелот, навивачката група на Милан организирана под едно име Curva Sud (Јужна трибина) прати отворено писмо до претседателот на клубот, Силвио Берлускони.

„Од претседателот бараме, освен да инвестира одново во екипата, во исто време да се оддалечи од правиот виновник за ситуацијата, а тоа е одговорниот за техничкиот дел. Иако беше принуден да работи со помал буџет, Адријано Галијани според нас покажа тотално отсуство на добро испланирана работа. Ги преплати играчите од сомнителен квалитет или даваше пари за очајни трансфери. Имаме состав од играчи кои го презентираат третиот најскапо платен тим во првенството, тим кој по 20 кола заостанува цели 23 бодови зад лидерот", стои во писмото на навивачите на Милан.

Според статистиката, тие се во право, затоа што со 94 милиони евра вкупна вредност на составот, Милан е трет зад Рома со 98 милиони евра и Јувентус со 120 милиони евра. Навивачите на Милан додаваат дека во клубот нема место за легендите како што има место за Занети во Интер или за Недвед во Јувентус.

„Пипо Инзаги е уште еден во низата тренери на кој му е дадена неквалитетна екипа, најавувана како најсилен состав на светот. Во оваа прилика му даваме целосна поддршка на тренерот Инзаги, кој првпат се соочува со вакво искуство, дојде да помогне, а упрвата знаеше дека тој ќе биде напаѓан од надвор во најтешките моменти. Архитектот на ваквиот Милан е потпретседателот Адријано Галијани, кој со средствата со кои располагаше го купи Алесандро Матри, за кој се дадени исто пари, колку што Јуве даде за Тевез. Од вас претседателе бараме да забраните одредени фрази од типот Милан има неверојатен состав, затоа што актуелниот тим е далеку од оној вашиот со кој се качивме на кровот на светот", го заклучуваат писмото до Берлускони, навивачите на Милан.

Во меѓувреме Курва Суд соопшти дека единствена позитивна новост во клубот е потпишувањето договор со генерален спонзор за изградба на стадион кој ќе биде во исклучителна сопственост на Милан.

27 јануари 2015 - 11:53